Kоњаницата од Гостивар по шестнаесетти пат тргна кон Крушево

26.07.2025 Традиционално и оваа година коњаницата од Гостивар, на 26 јули по шестнаесетти пат тргна кон Крушево во чест на големиот национален и државен празник Илинден.
По литургијата во Соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ – Гостивар, група млади родољубиви луѓе, зедоа молитвено учество во чинот на благословување на нивниот марш. Чинот го изврши и благослови Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на свештенството од Гостиварското намесништво, кои се помолија за добробит на Татковината и за успешен пат, беа благословени во нивниот подвиг, полн со љубов кон Бога и кон Татковината – Македонија, како и со светло сеќавање за нашите пожртвувани богољубиви предци.
Благословувајќи го нивниот пат кон славното Крушево, Митрополитот г. Јосиф им се обрати на коњаниците со следниве зборови:
Секоја година на денешен ден, кога го прославуваме споменот на св. арх. Гаврил, по светата литургија вие родољубивите гостиварци сте тука во овој Соборен храм овде во Гостивар, за онака како што доликува добиете благослов и тргнете за славно Крушево. Се радувам и гордеам што во мојата епархија со која раководам има родољубиви верници. Нека ви е од Бога благословено патувањето за нашето славно Крушево, и нека споменот за тоа Крушево и за Востанието остане засекогаш силно врежан во нашите срца. Секогаш добро да се сеќаваме на сето она што го направиле нашите богољубиви предци за слобода на нашата Татковина Македонија, а вредностите што со многу труд тие ги постигнале, положувајќи ги дури и своите животи за ближните, верно да ги чуваме и да ги пренесеме на нашите идни поколенија. Ние како христијани, пред сѐ сме повикани да се уподобуваме на Бог, да бидеме во храмот, да припаѓаме на својата Православна Црква која низ вековите се покажа дека е наш најголем чувар и пазител на вистинскиот наш идентитет и култура, стожер на вистинските вредности без кои не можеме да постоиме како народ. 
Нашата Македонска Православна Црква – Охридската Архиепископија како народна црква имала и има значајна улога не само во ширињето на христијанските православни вредности, туку и во зачувувањето на нашата посебност како македонски христијански народ. Спомнувајќи си денес за вековната борба на македонскиот народ за своја слобода, сакам да го нагласам фактот дека црквите и свештените лица со векови не само што биле описменувачи на овој народ, туку имаа и огромна улога во осамостојувањето на овој народ, во ослободувањето на оваа земја, за народната слобода и секако за црковната независност. Да сте благословени и нека св. арх. Гаврил чиј ден го прославуваме денес, ве води и заштитува по патот до славното Крушево. Амин!