Литургија на претходно осветени дарови

07.03.2025 Во првиот петок од Великиот Пост, во црквата „Св. Петка“ -Гостивар беше отслужена Утрена богослужба со великопосни часови и Литургија на претходно осветени дарови. Со Литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештенство од  Гостиварското архиерејско намесништво. На Литургијата, учество зеде верен народ, кој му се заблагодари на Бога и се причести со Светите Христовите Тајни. Митрополитот г. Јосиф во својата беседа нагласи: Како и секоја година, првиот Петок од велигденскиот пост богослужиме преждеосвештена литургија во овој храм посветен на св.Петка овде во Гостивар. Ме радува што гледам храм исполнет со верници. Гледам жива црква на живиот Бог. Светата Православна Црква, во средата и петокот од оваа седмица, на своите духовни чеда им ги нуди Светите Дарови, заради преголемата ревност што тие ја покажуваат кон верата и нивната желба да не се одвојат на подолго време од Христа нашиот Бог и Спасител, односно од Неговите Свети Тајни, од Неговите Свето Тело и Неговата Света Крв т.е. Причесната.
Токму затоа, Светата Црква, како грижлива мајка има љубов кон верните и не сака да ги лиши од Причесната, особено оние кои тримират и покажуваат голема ревност во Велигденскиот пост. Света Причест, како што рековме е нашето вистинско јадење и пиење од кои примаме живот вечен и затоа требало да се најде начин верните да можат да се причестуваат и за време на тие таговни денови. Но сепак, кога и да доаѓате во храмот, мора подготвени да пристапувате кон Светите Тајни. За оние кои сте почетници, секогаш да се советувате со вашите свештеници и тие ќе ве советуваат како да се подготвувате и пристапувате кон Светите Тајни. Да потсетам дека сеуште сме на почетокот на Велигденскиот пост. Да го пазиме овој пост со ревност и со чисто срце, бидејќи е сладосен и пријатен за оние што свето ги поминуваат овие дни. Да го возљубиме од срце ова прекрасно време, овој голем и свет Пост. Голем не само поради должината, туку и затоа што завршува со најголемиот празник на нашата спасителна вера, сесветлото Воскресение Христово, темелот на нашето суштествување. Амин!