Недела на блудниот син

03.03.2024 Во втората подготвителна недела пред Великиот пост- Недела на блудниот син, Неговото високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во Соборниот храм св. Кирил и Методиј - Тетово, богослужеше Света литургија во сослужение на: протоереј- ставрофор Томислав Јосифовски, протоереј Жарко Мицковски, протоереј Александар Стојаноски, ереј Илија Сламков и ѓакон Илија Деспотовски. Митрополитот г. Јосиф пред литургијата благоволи да го ракопроизведе во чин чтец проф. М-р Живомир Јосифовски. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеска преку параболата на блудниот син Црквата нè учи и оспособува како поисправно и похристијански да го поминеме Велигденскиот пост. Позната ни е добро на сите денешната парабола од Светото Евангелие што ја прочита ѓаконот– параболата за блудниот син. Параболата за блудниот син би рекол дека е химна на покајанието, која ни зборува за тоа како милостивиот Господ го чека човекот, го чека неговото покајание, чека човекот да дојде при себе. Тоа е приказна за секого од нас и за секој човек кој живее на земјава. Во неа, на еден едноставен и сликовит, но во исто време и многу трогателен начин ни е прикажано враќањето на грешниот човек при Бога. И уште повеќе: тука доаѓа до особен израз неизмерната, неискажлива, надразумна љубов Божја кон грешникот. Приказната за блудниот син е прекрасна поука дека ние постојано треба да се враќаме при Бога, Кој секогаш нè чека и сака да нè исцели. Но, за да се случи тоа, ние треба да поседуваме одвратност спрема гревовен живот и омраза кон гревот кој нè лишува од можноста да влеземе во Царството Небесно. Во овој блуден син ние треба да го видиме, всушност, секој човек од Адам па до денес, бидејќи, како што е речено: „нема човек што ќе живее а да не згреши“. Така што, праведен човек во апсолутна смисла не постои, освен, се разбира, совршениот Богочовек Христос. Следствено, во блудниот син треба да се препознаеме и лично самите себе. Да запомниме браќа и сестри дека никој од нас не е без грев. Затоа, да бидеме снисходливи кон престапите на нашите помали браќа, а да се радуваме и да се веселиме на нивното покајание и враќање од грешните патишта. И ние како блудниот син, да најдеме сили во себе, да се поправиме и да се вратиме во домот на нашиот Отец Небесен. Aмин !!!