Недела на богатиот Закхеј

18.02.2024 Недела на богатиот Закхеј. Неговото високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во Соборниот храм св. Кирил и Методиј - Тетово, богослужеше света литургија во сослужение на: протоереј Жарко Мицковски, ереј Илија Сламков и ѓакон Славче Ѓоргески. Верниот народ се причести со Светите Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Денеш­ната недела е прва недела која нè потсетува на приближувањето на Великиот Пост. Восхитувачки навистина како Светите Отци на нашата Света Црква направиле и создале еден таков прекрасен богослужбен ред и распоред на читање на евангелските четива преку целата календарска година. Денешниот неделен ден во црков­ни­от календар се нарекува Недела која е посветена на богатиот Закхеј. И не случајно денес ние ќе се потсетиме и на нас­та­нот кој се случил во Христово време. Да се поучиме од денешното прочитано св. Евангелие за Закхеј, и ние да отфрлиме од нашите срца и души секакви лоши мисли и постапки. Закхеј, како што ни сведочи Евангелието, бил богат човек за тогашните прилики, началник на митарите, а митарите, пак, во тоа време биле намразени и презрени од сите евреи. Ако некој бил митар, тоа значи дека таквиот бил угне­тувач и мачител на сопствениот народ, зашто тие собирале данок за римската држава, која била окупатор за евреите. Освен тоа, тие честопати ја злоупотре­бу­вале својата положба, зашто понекогаш знаеле да соберат и многу поголеми суми од утврдените, а се служеле и со сурови и жестоки средства за да дојдат до својата цел. Во очите на намачениот народ, тие биле шпиони и измеќари во корист на крволочните римјани. Народот кој Го следел Христа, заслепен и духовно и телесно, од омраза и пакост кон сè што не мисли и не работи според нивните критериуми и разбирања, настапува со осудување и кон Господа Христа, а уште повеќе кон Закхеј, давајќи му епитет на осуда како грешен човек. Но, Господ Христос не обрнува внимание на јавното мислење и знае дека е необјективно и неисправно, и оди во домот на овој човек и му вели: „Денес дојде спасението на овој дом, зашто и тој е син Авраамов" (Лк. 19, 9). Љубовта што ја покажува Господ Христос кон овој цариник толку многу ќе го погоди Закхеј, што тој јавно ќе се исповеда и дека е подготвен да Го прими Христа, а не само да Го нагости. „Господи, еве половината од својот имот ќе го дадам на сиромаси; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, четворно ќе го вратам" (Лк. 19, 8).
Преку овој настан, нашиот Спасител Господ Исус Христос сакал да ги поучи Јудеите дека Он навистина е пратеник Божји, односно Син Божји. Он најпрво доаѓа да го избави и спаси Избраниот, Еврејскиот народ, но, не доаѓа само за нив, туку доаѓа за севкупниот човечки род. Како што тогаш ја испратил пораката до Еврејскиот народ, така, ни испраќа и нам порака, да не се залажуваме со тоа што сме крстени и со тоа што потекнуваме од еден православен род дека ќе бидеме спасени и по автоматизам ќе влеземе во царството Божјо. Нашето потекло и нашата прадедовска вера неспорно ни помагаат полесно да ја воспримиме верата, учењето и традициите во коишто сме одгледувани и негувани. Но, тоа не е доволно. Потребен е и наш влог, и делување како вистински христијани. Христијани кои го исповедаме Господа Христа не само со збор, туку со севкупниот наш живот, со вера, постапки и дела. Сите ние овде присутни на оваа литургија денес во овој храм во Тетово, да се запрашаме себе си дали и ние постапуваме слично на Спасителот Христос во нашето одне­су­вање кон ближните, без разлика дали знаеме за нив дали се грешни или не? Да­ли умееме да употребиме милост кон нив за да ги омекнеме нивните срца и да ги приближиме кон вечниот живот. Денешното прочитано евангелие за Закхеј нека ни биде поучителен пример. Амин.