Недела на светите праотци

На 24.12.2023 година, Недела на светите праотци, во Лешочкиот манастир беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Браќа и сестри, да се молиме повеќе бидејќи се наоѓаме сеуште во период на Божиќниот пост. Да внимаваме да не осудувaме бидејќи оние кои сакаат да осудуваат, Бог строго ќе ги казни, оти прават нешто што дури ни Тој не го правел кога дошол на земјата за да го спаси човекот. Кога фарисеите Му донесоа една грешна жена којашто била фатена „во прељуба“, и според Законот требало да биде каменувана, Христос ги испади нејзините тужители велејќи им: „Кој е без грев, нека го фрли првиот камен“, а на жената ѝ рече: „Оди, и не греши повеќе, ни јас не те осудувам“. Тој, како безгрешен Бог, имајќи го сето право да ја осуди и прекори – не ја осуди, а ние, кои во грев живееме и дела полоши од оние на другите правиме, подготвени сме за ситници да ги осудиме (другите). По сето ова, да  размислиме во какво и положение и функција да се наоѓаме, ако имаме лоша навика да ги осудуваме ближните брзо да ја искорениме. Ако сакаш да имаш удел со Христа, избегнувај го осудувањето. Ако сакаш да имаш надеж на спасение и вечно блаженство пред сеправедниот Бог, научи себеси да се осудуваш, а никогаш другите. Да се молиме повеќе во постот.
Молитва е секогаш возможна за секого, богат или сиромав, благороден или едноставен, силен и слаб, здрав и во страдање, праведен и грешен, вели Св. Серафим Саровски. Без разлика дали си во црква или во твојот дом, или на село, без разлика дали физички работиш или си присутeн на забави, не престанувај да се молиш. Кога можеш, приклони ги колената, кога не можеш, посредувај во твојот ум, “навечер и наутро и на пладне“. Ако молитвата и претходи на твојата работа и ако, кога ќе станеш од постела твоите први движења се придружени од молитвата, гревот не може да најде начин да ја нападне твојата душа. И ќе завршам со зборовите кои неодамна ги прочитав кај Старец Емилијан Симонопетриски: „Оној кој ќе се реши да се моли, тој станува отпорен на тешкотиите и на перипетиите во животот”.
Со други зборови, тој е човек кој знае удобно да седи каде и да е. Ќе се најде ли во сиромаштија? Во богатство? Меѓу добри? Меѓу лоши? Меѓу луѓе кои го љубат? Кои не го љубат? Кои го сакаат? Кои не го сакаат? Кои го мразат? Кои го клеветат? Нему не му е грижа... Знае прекрасно да се прилагоди и да живее радосно. И колку повеќе се моли, толку е поотпорен и не ги ни чувствува тешкотиите низ кои поминува“. Имајте лесен остаток од Божиќниот пост и радосни да го дочекаме Рождеството Христово.