Недела на Закхеj

02.02.2025 Недела на Закхеј, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во Соборниот храм ,,св. Кирил и Методиј" - Тетово, богослужеше света литургија. Верниот народ се причести со Светите тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф нагласи: Денешниот неделен ден во црков­ни­от календар се нарекува Недела која е посветена на богатиот Закхеј. Денеш­ната недела е прва недела која полека нè потсетува на приближувањето на Великиот Пост. Драгоцен и поучен е денешниот евангелски пример за сите нас. Сите ние, треба длабоко во себе да ја осознаеме нашата огревовеност и духовно несовршенство, па со срце скрушено и со мисла покајничка да посакаме да Го видиме Господа. Да ги отвориме нашите духовни очи, за да ја видиме Божјата семилостивост и љубов кон сите нас. Да Го побараме Бога во нашите души, како што Он не бара нас кога сме загубени во гревот и злото. Да се поучиме од денешното свето Евангелие, па и ние да отфрлиме од нашите срца и души секакви лоши мисли и постапки. А преку тоа, да направиме достојно место во нашите срца, за да може и кај нас да влезе Господ Христос. Па затоа, денес кога го празнуваме овој празник, споменот на Закхеј, според литургиското Евангелие, треба да видиме каде сега сме ние, во споредба со Закхеј. Господ да ни го даде покајанието и љубовта на Закхеј, но и усрдноста да Го следиме. На крај да ве потсетам дека следниот период се денови подготвителни за влез во светиот и спасителен пост, да се потрудиме да се искачиме на духовното дрво, од каде што ќе можеме да ја видиме гревовната состојба на нашата душа, па да го повикаме Спасителот да влезе и кај нас и да ги слушнеме Неговите преслатки зборови: „Денес дојде спасението на овој дом“. Затоа браќа и сестри, да се покаеме и да си ги видиме своите гревови, не туѓите, туку своите, за да си ги спасиме душите. Како што вели Господ, ако го придобиеме и целиот свет, сето ќе ни биде бадијала ако на својата душа и напакостиме, односно ако не го возљубиме Господа со сето свое срце, со сиот свој ум и разум и со сета своја сила, и својот ближен како самите себе. Амин!