Недела Сиропусна - Прочка

На 17.03.2024 година, Недела Сиропусна - Прочка, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Литургија во Соборниот храм Пресвета Богородица-Гостивар. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Во овој ден пред самиот почеток на светата Четириесетсетница правиме спомен на паѓањето во грев на првосоздадениот Адам. Светите отци тоа така го устроиле со намера нам со тоа да ни покажат колку на човековата природа ѝ е потребен постот како средство за лекување на гревовите, бидејќи нема ниту еден човек на планетата кој е безгрешен. Со примерот на Адама светите отци сакаат и нам да ни покажат колку се кобни последиците од невоздржаноста и непослушноста. Денес е Прочка, ден пред почетокот на постот, а веќе од утре започнува Великиот пост, кој трае сè до празникот над сите празници Воскресението Христово – Велигден. Почнувајќи од денес, во дните на постот, но и во иднина да се потрудиме со пост, молитва и со правење на добри дела да се вратиме во нашиот вистински и вечен дом – во рајската населба. Денес треба да го започнеме патот до изгубениот рај, до Царството Божјо. Треба да започнеме искрено да ги испитаме сите наши дела, мисли и помисли, да ги признаеме нашите грешки и вечер да побрзаме во храмот Божји, каде на заедничката Вечерна богослужба, на чинот на взаемното проштевање, ќе си простиме едни со други. Потоа да одиме кај нашите блиски, кај оние на кои сме им погрешиле и да побараме прошка, но и да простиме, и самите себеси да си простиме, да ја сфатиме нашата грешка и да си кажеме и силно да ја отфрлиме, и ако го направиме сето тоа, на крај можеме да побараме прошка и од нашиот Бог, како што е посведочено и како што слушнавме од денешното свето евангелие: „Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако пак не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6,14-15). Нека Господ Бог биде нашиот сопатник во деновите кои ни претстојат за достојно да го дочекаме светлото Христово воскресение. Имајте благословени и лесни пости.