Неделата на сите светии

15.06.2025- Неделата на сите светии, во храмот ,,св.Кирил и Методиј”-Маврови Анови, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на Литургијата беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: На овој убав ден сме овде во убаво Маврово, во храмот кој е посветен на нашите просветители св. Кирил и Методиј. Денеска Светата Православна Црква ги прославува сите свети угодници Божји, кои засветиле со вера и духовни подвизи. Светото Евангелие кое денеска го слушнавме на светата Литургија, ни зборува каков пат треба да поминеме во овој живот, за да се уподобиме на светиите и да постанеме Божји угодници, за да наследиме вечно блаженство во Небесното Царство. Една сестра пред неколку дена во Гостивар ме праша на кои светии се однесува денешниот празник. Сите светии се оние кои со својот живот го запазиле Законот Божји и се удостоиле да го завршат својот живот како слуги на Бога, некои како маченици, некои како подвижници, некои како праведници и се овенчале со ореоли на небото како Божји угодници. Денеска сите тие се прославуваат и оваa прва недела по Педесетница нив им е посветена. Нив ги има, како се вели во повеќе црковни песни, како што се безбројни ѕвездите на небесниот свод, така се и Божјите угодници, и тие како ѕвездите што примаат светлост од сонцето Божјо и во ноќта го осветлуваат патот на земните патници, сé до изгрев на соцето преку денот Божји, така и Божјите свети, примајќи ја светлината на вистина од Вечниот и Жив Бог, Кој е „пат вистина и живот“, го осветлуваат духовниот живот и го покажуваат патот на овоземните патници, патот кој води во Царството Божјо и вечниот живот. Да појасниме дека светите апостоли, мачениците и преподобните отци, блажените и праведните со ништо не се разликувале од другите луѓе. И тие биле со иста природа и со човечка несовршеност. Според природата и тие биле склони кон грев. И самите биле подложни на болести, страдања, искушенија и земни соблазни. Само над нив се возвисувала вистинската и искрена вера, силната љубов кон Бога и неискажливата желба да станат наследници на блажената вечност во Царството Небесно. Преку тоа, и гревот изгубил власт над светиите, кои од сето срце го замразиле злото и се облекле во идеалите на христијанскиот живот. Со тврдата вера и со светоста, светиите Христови на земниот пат ги воплотиле и подржавале зборовите на Спасителот: „Така треба да свети меѓу луѓето вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Кој е на небесата" (Мт. 5, 16). Прославувајќи ги денеска сите Божји угодници, да се обратиме со искрена молитва кон нив, тие да бидат наши помошници и сотрудници. Да измолат милост од Бога, а Он да ни ја зацврсти верата, да ни ја умножи љубовта, па да одиме по Христовиот пат. Амин! Бог да ве благослови и да се сретнуваме за многу убави нешта во убаво Маврово. Бог по молитвите на сите светии да не благослови.