Обрезанието по тело на Господ наш Исус Христос

На 14.01.2024 година, денот кога го празнуваме Обрезанието по тело на Господ наш Исус Христос и светиот Василиј Велики, во храмот „Успение на Пресвета Богородица” -Гостивар беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. По завршувањето на Литургијата беше отслужен Молебен за Новата Година, а беше прекршен и празничниот колач. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верните со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: На овој ден го празнуваме и почетокот на Новата година, во која Му заблагодаривме на Бога за исполнувањето на Неговата волја во изминатата година, но и измоливме од Господа Он повторно да е со нас во Новата, да го обнови вистинскиот дух во нашите срца и да нè утврди во православната вера. Ние го пречекоривме прагот на времето и влеговме во нова година. Новата година е дар Божји, дар на Неговата љубов и милосрдие. Господ ни ја дава новата година чиста и неизвалкана, а во нејзиниот тек, можно е сè да не снајде - и добро и лошо, и здравје и болест. Какво ќе биде времето што настапува, тоа го знае само Единиот Бог. Затоа ние сме должни да Му вознесеме благодарност за сите Негови доброчинства што ни ги дал во минатата година и да испросиме од Бога благослов за годината што настапува. Таа настапува и ќе се исплетува и преплетува под нашиот труд, а од тоа ќе зависи какви ќе бидеме ние, но и каква ќе биде таа. Колку добри работи ќе направиме во неа, толку и добрини ќе има во истата. Колку неправди и зла – со толку неправди и непријатности ќе биде исполнета. Ние денеска дојдовме во овој свет храм да се помолиме на Бога. Се поставува прашањето: што треба да бараме и да молиме од Бога на почетокот на новата година? Би требало да се молиме Господ да ни помогне новата година да ја започнеме со нов христијански живот исполнет со добродетели. Добродетелите се украс на човекот и тоа е негова природна потреба. Добродетелниот живот ни помага да го задржиме во себе вистинскиот образ и да го стекнеме подобието Божјо. Добродетелениот живот е најубавиот дар на Господа Исуса Христа, а тој е и единственото и вистинско средство за нашето спасение. Затоа е потребно во новата година да го примениме ова правило и сето наше внимание да го насочиме кон Господа Христа. Тоа значи почесто да читаме и слушаме за Господа Исуса Христа, подлабоко да проникнуваме во Неговото учење, да гледаме на Неговите свети икони и постојано да се молиме и непрестајно да го славословиме името Божјо. Да одиме со цврсти и непоколебливи чекори на верата кон безграничното совршенство во Бога, со надеж и со барање сè што ќе се случува во новата година да не биде според нашето барање, туку според волјата Божја. Како што знаеме, денеска светата Црква прославува и еден од големите учители на верата, големото светило на Кападокија, светиот Василиј Велики. Тој, со својот живот, труд и дело бил целосно предаден на Божјата волја. Затоа Бог го обдарил и го подарил на светата Црква да биде учител. Тој се здобива со епитетот Велики, епитет со кој се здобиле само неколку светила на Црквата Христова. Живее во IV век и на православната теологија е познат како продолжувач на отците од Првиот вселенски собор, односно, ќе ја дефинираат догмата и учењето за Третото Лице од Светата Троица, учењето за Светиот Дух. Св. Василиј во Кесарија Кападокиска ќе развие строг монашки живот. Ќе собере голем број монаштво и за истите ќе напише монашки правила, според кои и денес се ползува Православната црква. Како голем учител и проповедник на словото Божјо, ќе напише и една Литургија која и денес, во Православната црква се служи 10 пати, односно Литургијата која ја служевме денеска овде во Гостивар. Нека свети Василиј нѐ води со силна вера во Господа, со Евангелската љубов, со постојана молитва и милосрдие, братољубие и богољубие. Да се исполнуваме со сите христијански добродетели и да го посветиме времето во овој живот за да спечалиме вечен живот. Како ваш владика ви посакувам да имате благословена година исполнета со многу благодат, мир, здравје и љубов меѓу себе.