Педесетница - Духoвден

08.06.2025  Педесетница - Духовден, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света литургија во Соборниот храм ,,Успение на Пресвета Богородица"-Гостивар. Верниот народ се причести со Светите Тајни. По литургијата се отслужи и вечерна богослужба на која беа прочитани молитви за призив на Светиот Дух. Во својата беседа митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: Секоја година за Педесетница-Духовден сум овде во овој храм во Гостивар и заедно со вас ја чувствуваме благодата и радоста на овој празник. Кога Православната Црква празнува некој настан од животот на нашиот Господ Исус Христос, тоа не е обично споменување или сеќавање на настанот. Црквата повторно го живее и доживува секој настан од свештената историја, за да можеме и ние денес да го доживееме лично. На таков начин, Црквата секој настан од минатото го донесува во сегашноста, па така, сите ние се чувствуваме како да сме биле таму и како лично да сме учествувале во секоја радост на Црквата. Во денот на светата Педесетница си спомнуваме за свештениот настан, кога Светиот Дух, во вид на огнени јазици слегол врз апостолите.
Светиот Дух слегол врз апостолите не само за да ги воодушеви и охрабри за еден беспримерен подвиг во историјата на Црквата, туку и за да остане во Хрис­то­ва­та Црква до крајот на светот. И колку многу тоа е утешително и радосно за сите нас. Еден брат минатиот ден ме праша, владико зошто Светиот Дух слегол во вид на огнени јазици? Дали Светиот Дух не можел да слезе во друг вид? Но, и тоа има свое значење. Кога Христос се крштева, Духот Свет слегува врз Неговата глава во вид на гулаб. Тоа ја означува чистотата, невиноста, кротоста и смирението на Господа Исуса Христа. Сосема поинаква е состојбата при слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Св. ап. Лука вели: „И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар"(Дела 2, 2). Со овие зборови ни се јавува дека Светиот Дух слегол како силен ветар, како некоја бура. Бурата е голема природна сила која произведува необични пројавувања и безбројни последици. Нешто слично произведува и Светиот Дух во душите на верниците. Како што доаѓањето на бурата е невидливо, слично така е и слегувањето на Светиот Дух – невидливо. Слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици означува дека христијанството не е само за Израилот, туку, тоа е за целиот свет. Огнениот јазик го означува и Божјиот суд над човештвото, односно над неговата гревовност. Огнот е голема сила. Тој свети, топли, согорува, очистува, но, и уништува секакви трња и бодила. Нешто слично прави и Светиот Дух во срцата и душите на верните. Слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици означува дека словото Божјо се однесува на сите народи и на севкупното човештво, односно, негово избавување од гревовите. На грешниците им се дава простување, на заблудените спасение, на ожалостените мир, а на обременетите олеснување. Со слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, се запечатило спасението на човечкиот род од Богочовекот Исус Христос. Воедно, со слегувањето на Светиот Дух започнала и апостолската проповед, започнал светотаинскиот живот во Црквата. Затоа светата Педесетница се смета и како роденден на Црквата Христова. На овој ден таа ги примила благодатните дарови на Светиот Дух, коишто ја сочинуваат нејзината таинствена суштина. Просветлени од Светиот Дух, посакувам овој значаен празник и зеленилото во храмот кое го симболизира животот даден на секој човек преку слегувањето на Светиот Дух, постојано да Ви влева нови духовни сили во надминувањето на искушенијата, кои секојдневно се појавуваат во нашите животи и нашето општество. Да се молиме и да живееме православно, бидете послушни на своите епархиски архиереи и парохиски свештеници, бидете редовни на литургиите пребивајќи во Црквата Божја, за да Духот Свети никогаш не нѐ напушти, бидејќи без Неговата благодат и енергии ние не можеме да живееме. Амин!