Петта Недела од Великиот пост – посветена на света Марија Египетска

На 21.04.2024 година, во Петта Недела од Великиот пост – посветена на света Марија Египетска, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од Тетовското архиерејско намесништво, богослужеше Света Василиева Литургија во храмот ,,Пресвета Богородица“ во Тетово. По завршувањето на божествената Литургија, Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Оваа петта недела од Великиот пост, Светата Црква ја посветила на светата пустиножителка Марија Египетска, која во Јорданската пустина живеела аскетски живот скоро половина век, оплакувајќи ги своите гревови и просејќи прошка од Господа Бога за својот неморален живот. Нејзиното име изминативе денови беше спомнато повеќе пати од страна на повеќе верски лица, теолози, познати отци и епископи, и тоа во меѓусебните дебатирања, како и во своите обраќања и во слова кон верниот народ упатени како утеха во ова тешко време на искушенија. Имаме доста примери како големи грешници станале големи светители. Токму животот на нашата денешна светителка е еден таков пример.. Накратко, света Марија достигнувајќи ја бездната на гревовите, на повикот од Бога, направила голема промена на својот неморален начин на живот и напуштајќи ги сите светски задоволства, се повлекла во Јорданската пустина каде успеала да ја достигне височината на побожноста и добродетелите. И ние треба поактивно да го следиме примерот на света Марија и да Го прифатиме Божјиот повик за наше духовно будење. За да постанеме подобри личности, потребно е да се потрудиме да ја прифатиме Божјата волја и да имаме искрено покајание како света Марија, за да ја здобиеме Божјата милост и благодат. Оваа недела, всушност и на некој начин нѐ потсетува на големото Божјо човекољубие кон оние, кои искрено сакаат да се откажат од своите гревови. Во евангелието на повеќе места и во повеќе параболи ни е претставено човекољубието Божјо. Ќе набројам само неколку примери. Ќе започнам од зборовите во денешното евангелско четиво: „Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Марко 10,45). Потоа, апостолот на љубовта, возљубениот Христов ученик Јован вели: „Зошто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3,16). Од овие зборови треба да ни е јасно дека Семудриот Бог, Седржителот, го чува, запазува и ќе го спаси светот и човекот и никогаш нема да нѐ остави, бидејќи Тој дојде единствено „заради нас и заради нашето спасение“ (Символ на верата). Он особено се радува на нашето покајание, па евангелистот и апостол Лука, преку евангелието интегрално ни ги пренесува Христовите зборови: „Ви велам, дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, што немаат потреба од каење“ (Лука 15,7). – Поради тоа, драги христијани, овие богомдаровани дни кога нашите домови алегориски претставуваат пустина во која ние сме , да ги искористиме за созерцание на нашата душа и за увидување колку гревови се наталожиле во неа, за длабоко покајание и преумување, за да и ние бидеме причина за радост на небото. Амин!