Преп. мч-чка Параскева Римјанка

На ден 08.08.2023 година, на споменот на преп. мч-чка Параскева Римјанка, света архиерејска Литургија беше отслужена во црквата „Св. Петка“ во Гостивар на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во сослужение на протоереј-ставрофор Марианчо Мадевски,ереј Мартин Андоновски и ѓакон Славче Ѓоргески.По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен праничниот колач, а Митрополитот г.Јосиф се обрати кон присутните верници со пригодна беседа на која меѓу другото нагласи:Ние денес ја прославуваме света Петка Римјанка. Оваа света душа живеела во II век во Рим и била испросена со силните молитви на нејзините родители и како таква уште од најмлади години била упатена во верата Христова. Уште како мало девојче се одликувала со скромност и побожност, живеејќи вистински христијански живот. Како млада личност ги собирала луѓето околу себе и Го проповедала Господа Христа распнатиот и воскреснатиот. Но по смртта на нејзините родители таа го поделила имотот на сиромашните и се замонашила во Рим. Тогаш многу посмело и похрабро почнала да го проповеда учењето Христово. Не треба да заборавиме дека во II век по Христа, Римската империја била главен гонител на христијанството, а оваа пак, Параскева, го проповедала забранетото учење токму во центарот на империјата. Заради нејзината проповед била изведувана пред судови и осудувана, подвргнувана на разни мачења и страдања. Но, заради цврстината во љубовта кон науката Христова, кај неа во ниту еден момент верата не се намалила и не згаснала. Токму преку подвизите и мачењата, оваа светителка се издигнувала пред Бога, а Бог, пак, и давал сила и благодат за да може храбро да ги поднесе сите страдања и маченички за Господа Христа да го заврши нејзиниот живот.Пораката од Житието на Света Параскева, дека секој од нас треба да биде исповедник и маченик за Христовата вера. На грчки јазик за маченик се вели μάρτυρ, што во буквален превод значи сведок. Смислата е дека Христијанинот е призван секогаш да ја сведочи светлината Христова, која го просветува и осветува овој свет, според зборовите Негови: Јас сум Светлината на светот. Нашата света вера се нарекува ортодоксна, православна, правоверна, па оттаму секој Христијанин е должен правилно да живее, подобно на Светата Преподобномаченица Параскева и на безбројните маченици, знајни и незнајни.Сите ние кои се наоѓаме денес во овој храм во Гостивар посветен во нејзина чест, да се обратиме со искрена молитва кон света Петка, да ни даде и ние да поднесеме еден дел од нејзините подвизи, па и ние да имаме храброст и цврстина да Го исповедаме на секое место и во секое време Господа Христа.