Преподобна маченичка Параскева-Петка

На 08.08.2025 година, на празникот на преподобна маченичка Параскева-Петка, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од гостиварското архиерејско намесништво отслужи Света Божествена Литургија во храмот „Св. Петка“ во Гостивар. На светата Литургија верниот народ се причести со Светите Тајни. Во својата беседа за денешниот празник Митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: Светата Православна Црква празнува три личности - три свети Богоугоднички со исто име Параскева – Петка: преподобна маченичка Петка (Римјанка), денес 8 август, преподобна мајка наша Петка (Епиватска) 27 октомври и преподобна маченичка Петка (Икониска) 10 ноември. Денес согласно црковниот календар на нашата Православна црква се собравме во овој храм овде во Гостивар, литургиски да го одбележиме блажениот спомен на од нас секогаш торжествено прославуваната мајка, преподобната маченичка Параскева Римјанка, чиј празник е познат помеѓу верниот народ и како летна света Петка. Во нејзиното житие ќе забележите дека заради нејзината голема ревност, света Петка храбро претрпела и големи измачувања, најнапред од страна на императорот Антониј Пиј, пред кого без ни најмалку страв јавно изјавила: „Јас никогаш нема да се откажам од Христос, мојот Бог”. И навистина, таа и покрај сите маченија кои ги доживеала и потоа за време на нејзината проповед надвор од Рим пред кнезовите Асклипиј и Тарасиј, никогаш не се откажала од Христа Бога, поради што ѝ била отсечена главата со меч околу 140 година и на тој начин се припоила кон хорот на мачениците, кои непрестајно го слават нашиот Троичен Бог. По нејзината смрт биле забележани бројни чуда и исцеленија, кои се случуваат до денес по нејзините молитви и застапништва, на оние кои со чиста вера и надеж и пристапуваат за помош. Имајќи ја преподобната мајка, страдалницата Параскева за наша молитвена закрилничка пред Бога и како прекрасен Божји дар за нас, даден како постојан пример за следење, уште од денес сите ние заедно, поучувајќи се од неа, од нејзиниот светол живот да започнеме да правиме промени во сопствените животи, зачекорувајќи силно по Божјиот пат, по патот кон Царството небесно. А како ќе знаеме дека сме се промениле и дека сме стигнале барем до некаде на патот кон усовршувањето? – Тогаш кога нашата љубов ќе биде поголема од нашиот страв, кога нема да осудуваме, кога нема да има завист во нашите срца, кога ќе бидеме среќни со тоа што го имаме, кога редовно ќе го посетуваме Божјиот храм, кога ќе имаме разбирање и кога ќе му подадеме рака на другиот, кога ќе се покаеме и заплачеме за нашите гревови и прегрешенија, кога ќе Го исповедаме и примаме Христос нашиот Спасител преку Светата тајна причест, кога како светата Петка, чиј спомен денес ѝ го празнуваме ќе се потрудиме низ целиот свој живот да Му служиме на Бога – е само тогаш сме се промениле. Ако сето тоа вистински го правиме, ние несомнено ќе се здобиеме со добродетелни карактеристики, со кои значително ќе ја осветиме нашата душа која ќе тежнее кон она што е вистински добро, кон Бога и кон светото. За таа наша промена што побргу да се случи, да побараме помош од светата Петка која ја заслужила милоста пред Бога да може да се моли за сите нас. Нека по нејзините свети молитви, Бог нè просветли и помилува и спаси како благ и човекољубец, постојано сега и секогаш и во сите векови! Амин.