Римскиот папа Лав XIV ја прими македонската државно-црковна делегација
По повод одбележувањето на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Римскиот папа Лав XIV во понеделник 26 мај 2025 година ја прими Македонската државно-црковна делегација предводена од Претседателката на Македонија, Гордана Силјановска – Давкова. Во делегацијата беа и Високопреосвештениот Митрополит Тетовско-гостиварски Јосиф, Преосвештениот Епископ Стобиски Јаков, претставникот на Римокатоличката црква протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, членови од кабинетот на претседателката, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи Оливера Трајковска и други членови.
По аудиенцијата, беа разменети подароци. Во таа пригода, Претседателката на Папата Лав XIV му подари длабока резба од дабово дрво со мотив „Желад“.
По аудиенцијата кај папата Лав XIV државниот секретар на Ватикан, кардиналот Паролин ја прими Претседателката Силјановска. На средбата присуствуваше и секретарот за односи со држави и меѓународни организации, надбискупот Пол Ричард Галагер. Средбата траеше околу 40 минути и заврши со пригодна размена на подароци.
Извор:https://liturgija.mk/aktuelno/mpc/rimskiot-papa-lav-xiv-ja-primi-makedonskata-drzhavno-crkovna-delegacija/