Рождеството на чесниот, славен пророк, Претеча и Крстител Јован - Иванден

На 07.07.2025 година, денот кога го прославуваме Рождеството на чесниот, славен пророк, Претеча и Крстител Јован - Иванден, во храмот ,,св. Јован Крстител" во с. Беловиште-тетовско, беше отслужена света архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше Неговото високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. На литургијата верниот народ се причести со Светите Тајни. Свое слово изрече митрополитот г. Јосиф кој меѓудругото нагласи: Драги браќа и сестри, еве сме денес на храмовата слава овде во убавото и живописно село Беловиште, и онака како што доликува да го одбележиме денешниот празник најпрво со света Литургија. Денеска светата Православна Црква го прославува раѓањето на најголемиот човек роден на земјата, а тоа е светиот, славен пророк, претеча и крстител Господов Јован. Светата Црква го чува споменот на сите собитија од неговиот живот. Ги слави неговото зачнување, раѓање, неговата мисија и крштевањето на Господа, неговиот собор и неговата маченичка смрт. Во кругот на целата година, секој вторник Црквата молитвено го прославува свети Јован Крстител. За свети Јован се вели дека е Претеча Христов, зашто Господ токму него го испратил пред Себе, за да им го пренесе на луѓето словото и начинот на вистински живот, за да можат да го сфатат и да го прифатат Христа. Впрочем, на некој начин сите ние сме Христови претечи, зашто начинот на нашиот живот и нашите дела треба да претставуваат основа по која ние ќе им сведочиме на ближните, како треба вистински православно да се живее. Нашите дела и нашиот живот треба да го отворат патот по кој ќе тргнат и други и ќе постанат Христови слуги. Затоа ние, како православни христијани, врз себе носиме страшна одговорност. Затоа и ние, подобно на свети Јован, вистински сме претечи, но за разлика од него, ние уште многу труд и напор треба да вложиме за да го достигнеме оној успех, кој го доживеал свети Јован како вистински Христов Претеча. Со љубов ние христијаните го славиме и му пееме на неговото чудесно раѓање, кое е причина за радост на Црквата. Св. Јован ни дава патоказ, којшто нè води во вечен и блажен живот. Нашиот живот во овој век не е ништо друго освен пат кон идниот век. Па затоа, животот тука треба да го живееме внимателно, бидејќи имаме многу непријатели кои сакаат да не оттргнат и да не одделат од патот којшто води во вечен живот. Да се обратиме со искрена молитва кон св. Јован Крстител и Претеча Христов, чиешто раѓање светата Црква денес го прославува. Да се угледаме браќа и сестри на неговиот свет испоснички и подвижнички живот, кој бил исто така и храбар изобличувач на секакви подлости, страсти и гревови. Да бидеме мудри и да го послушаме нашиот небесен закрилник Пророк и Претеча Свети Јован, па да се надеваме на милост Божја и на спасение на нашите души. Имајте честит и благословен празник. Амин !