Спомен на св. Климент Охридски, св. Седмочисленици и св. Пантелејмон

На 09.08.2025 година, на празникот на св. Климент Охридски, св. Седмочисленици и св. Пантелејмон, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше  Светата Литургија во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Многубројниот светиклиментов верен народ се причести со светите Христови Дарови. Во својата беседа за денешниот празник, Митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: Денес ние прославуваме троен празник, односно празник посветен на Светите Седмочисленици, кои се седуммина на број, почнувајќи од светите Кирил и Методиј, учителите и просветителите на нас македонците и на сите словенски народи, и нивните свети ученици Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј.
Денес, исто така го прославуваме и светиот Пантелејмон, кого исто така нашиот народ го почитува молитвено и го нарекува големиот исцелител. Јас ќе говорам денес повеќе за нашиот патрон, големиот учител и покровител на македонската земја и Црква, свети Климент Охридскиот Чудотворец. Во црковната и националната историја на македонскиот народ, ниедна друга личност не засветила толку и не оставила таков впечаток, такво дело како свети Климент, Охридскиот архиепископ и чудотворец. Неговата личност, со својата севкупност направила најголем духовен препород меѓу нашиот народ. Со својата дејност како учител и книжевник, просветител и архиереј, тој ги поставил темелите на нашата духовна просвета, култура и Црква. Во свети Климент имаме севременски национален и црковен стожер во кого се сосредоточени и нашето минато и нашата иднина, имаме лидер кој во себе ги собира времињата и вековите, генерациите и личностите, имаме отец што ни го доближи небото и вечноста. Но да не заборавиме една очигледна вистина, еден непобитен факт - сè што творел свети Климент и сите негови подвизи, сето тоа не би можело да се разбере, ниту да се објасни, без името на Христос. Господ Исус Христос бил и останал единствен двигател на Светиклиментовата личност. Затоа, во свети Климент, во светиклиментовото го гледаме Христа и Христовото. Светиклиментови сме зашто сме Христови. Затоа, да не ги заборавиме принципите на свети Климент: да бидеме верни на Бога и да го живееме делото на љубовта; ние свештениците да бидеме равносни и предани како нашиот архипастир и архиереј; да го употребуваме доследно јазикот со кој неговите и наши учители, светите Кирил и Методиј, му дадоа смисла на словенството и го истакнаа достоинството на словенските народи. Да бидеме добри деца, зашто родителот се радува кога неговите чеда се единствени и сложни, да ја чуваме и слушаме Црквата и да ги почитуваме одредбите на црковното предание; да ја учиме и воспитуваме младината на вредностите на православната вера. По молитвите на светите Седмочисленици, св.Климент и на Свети Пантелејмон, Господи Исус Христе, помилувај нè и спаси нè. На крајот од мојата беседа би сакал исто така, да ја честитам славата и именденот на сите оние што денес го празнуваат денот или го носат името на св. Климент или светиот великомаченик Пантелејмон, големиот ревнител и маченик за христијанската вера, и им посакувам здравје и благосостојба. Амин.