Спомен на свети Јоаким Осоговски
На 29.08.2025 година, кога го славиме споменот на свети Јоаким Осоговски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение со надлежниот Митрополит на Кумановско-осоговската епархија г. Григориј, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, поранешниот Митрополит г. Јосиф, Митрополитот Видински г.Пахомиј,Епископот Велбуждски г. Исак од БПЦ, Епископ Хвостански г. Алексеј од СПЦ, служеше Света Литургија во манастирот на свети Јоаким Осоговски во Крива Паланка. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Беседа по повод празникот изрече Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓудругото истакна: ,,Застанат на амвонот од овој свет манастирски храм, каде денес соборно пребива живата Црква, присуствувајќи и земајќи учество на овој свештен и евхаристиски собор, би сакал уште на почетокот на мојата проповед да заблагодарам на Митрополитот домаќин, за поканата и честа денес да сме овде со браќата архиереи на манастирската слава. Да се биде денес во овој манастир, каде што се и светите мошти на денешниот славеник, е голем благослов.
Денеска, во овој велелепен манастир посветен на денешниот празник, го прославуваме свети Јоаким Осоговски, големиот подвижник на македонската земја, кој живеел во втората половина на XI век и почетокот на XII век. Од житието не можеме да дознаеме многу за неговото потекло и за материјалната состојба на неговото семејство, но знаеме и цврсто веруваме дека тој презрел сѐ од овој свет и сецело се предал на молитва и пост и на извршување на волјата Божја. Се подвизувал во Осоговската планина, во пештера во Градец, а при крајот на неговиот живот дошол на местото каде се упокоил во една пештера. По неговото упокојување, на неговиот гроб се оформил општежителен манастир.
Поминале скоро десет века од неговото преселување во небесниот свет. Но, неговиот гроб постојано зрачи со благодатна светлина, просветлувајќи и осветлувајќи безброј христољубиви души, кои му се обраќаат со искрена молитва и просат помош од него. Тој, пак, како Божји угодник кој има сила пред Бога, се застапува и ги исполнува прозбите и молбите на луѓето. Божјите угодници како што е денешниот светител Јоаким, а ќе ги споменам и светите Гаврил Лесновски, Прохор Пчински, па и најново канонизираните во МПЦ-ОА св. Јоаким Крчовски и св. Кирил Лешочки, не биле само луѓе кои правеле подвизи и дале пример исклучиво за тоа време, туку тие правеле подвизи и дале пример за сите генерации до крајот на светот, зашто нивниот живот, во конкретниов случај животот на Свети Јоаким Осоговски, е патоказ за сите генерациии за тоа како треба луѓето да живеат во сите времиња. Затоа и ние да се обратиме со искрена молитва, за преку застапништвото на свети Јоаким Осоговски, Бог да ни даде сила. И ние кои сме слаби според човечката природа, со благодатта Божја да станеме силни и подготвени за градење на Царството Божјо. По молитвите на свети Јоаким Осоговски, да ја испросиме милоста Божја. Преку неговите молитви нека се излие благодатта Божја врз нас, па и ние да го следиме патот Христов. Овој пат е тесен и стрмен, но тој единствено води во Царството небесно и во вечен и блажен живот. Амин!"
На оние, кои денес ќе се
причестат и ќе Го примат Христа, Светата Причест нека им биде на телесно и духовно здравје и спасение. Оние кои денес имате именден и го носите името на св Јоаким, нека ви е честит и благословен.
За многу години!