Спомен на великомаченица Марина, кај народот позната како Огнена Марија
На 30.07.2025 кога Православната Црква го чествува денот на светата великомаченица Марина, кај народот позната како Огнена Марија, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, молитвено присуствуваше на светата литургија во храмот посветен на „Св. Марина“ во с. Зубовце – Гостиварско. На крајот од Божествената Литургија, Митрополитот г. Јосиф одржа пригодна беседа и го благослови и пресече празничниот леб. На овој значаен празничен ден кој со многу почит и љубов го празнуваат гостиварци и жителите од с. Зубовце, црковниот одбор и кумовите за сите присутни имаа организирано трпеза на љубовта. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф меѓудругото истакна: Често се вели дека има краишта во нашата убава Македонија каде што некако очите повеќе се отвораат од било каде на друго место. При посетата на такви живописни предели, на човек му се отвора широк хоризонт. Денес се наоѓаме во овој наш прекрасен храм, еден од најретките во нашата Татковина Македонија, кој е посветен на маченичка за верата наша православна, на светата Марина, чиј спомен денес и го празнуваме традиционално сите ние собрани во овој нејзин храм, овде во Зубовце. Денес празнува цело Зубовце, празнува секоја македонска православна душа во него. Со нас празнуваат иселените зубовчани, празнуваат сите. Секоја година од 1859 година, река на народ се движи кон оваа височинка, кон овој свет храм кој со својата убавина и со иконите насликани од нашиот голем зограф Дичо и пркоси на времето и со својата местоположба го привлекува вниманието. Таа небеска убавина и нас денес нѐ собра во овој храм по молитвите на светата Марина, во народот позната и како Марена или Огнена Марија. Ќе ја искористам оваа прилика да се потсетиме на нашата денешна светителка, на нејзиниот свет и праведен живот и на нејзиното несмртно дело пред Христа Спасителот наш, бидејќи на тој начин, освен што ние ќе научиме нешто повеќе за неа, исто така, одгледувајќи се на нејзиниот живот и поучувајќи се од нејзиното животно дело и пример, би напреднале во духовниот живот и така би станале во иднина подобри христијани. Всушност за тоа и служат празниците. Да се потсетиме на светиите или на некој настан од христијанскиот живот, но и да научиме нешто повеќе, нешто што не знаеме и да се потсетиме на тоа што сме го заборавиле. Како и се друго и верата се учи – за да се знае и за да точно се практикува, чиста од секое суеверие за да ни биде за наше оправдување и спасение. Мило ми е што Вие и денес дојдовте во голем број да се насладите од благодатта на Светиот Дух, кој постојано пребива на ова место, што ја чувате вековната традиција и нашата вера во овие краишта, како и во минатото. Радосен сум што на денешниот патронов празник се собра толку народ. Јас знам дека истата радост ја чусвтвувате и Вие. Радоста во Господа и радоста од Господа не може ништо да ги намали или замени. Таа радост по молитвите на Вашата заштитничка светата маченичка Марина да Ве прати постојано во Вашиот живот. Амин! Бидете благословени! Имајте честит и благословен празник. На кумовите им посакувам благослов од Господа и мир по молитвите на св. Марина.