Сретение Господово

На 15.02.2024 на празникот Сретение Господово, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во сослужение на свештеници од тетовското архиерејско намесништво, богослужеше Златоустова литургија во храмот Пресвета Богородица-Тетово. На литургијата верниот народ се причести со светите тајни. На литургијата за празникот Сретение и неговото значение, беседеше митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф кој меѓу другото истакна: Денес го празнуваме големиот празник Сретение и се сеќаваме на еден значаен настан од животот на Господ Исус Христос. Сосема природно е за човековиот ум да се запраша што означува овој празник, што всушност славиме во овој ден, зошто се случило сретението и Кој кого сретнал? – Едноставно кажано денес го прославуваме сретението на човекот со Бога, односно настанот кога за прв пат е дадено на човек, на благочестивиот и праведен Симеон да го прими во своите раце, малото и четириесетдневно Дете Исус и да го види Спасителот на светот. Тој настан за кого денес си спомнуваме не бил само обична средба, туку излегување на помалите, на луѓето за сретение со поголемиот, со Бога. Ете токму затоа за овој празник, според свештенoмаченик Венјамин Федченков посоодветно и посуштински го именуваме со зборот Сретение, кој произлегува од глаголот пресретнувам и значи доаѓам да сретнам некого. А тоа пресретнување како што слушнавме од светото Евангелие по Лука, се случило токму на четириесеттиот ден од Рождеството Христово, кога согласно старозаветниот закон (Левит. 12, 2 - 7; Исход 12, 2) Пресветата Дева Го однела својот Божествен Син Христос во ерусалимскиот храм да Му Го посвети на Бога, а самата да се очисти и на тој начин да го исполнат Законот, иако немало потреба од тоа. Празнувајќи го денешниот радосен празник, по зборовите на светиот Теофан Затвореник „ние не сме повикани само на мислено застапништво и на сеќавање на библискиот настан на Сретението Господово, туку за активно вкусување од него, зашто сите сме повикани да Го имаме и да Го носиме во себе Господ, и да изчезнеме во Него со сите сили на својот дух“. Затоа мили мои, овој наш празник да не биде само едно сеќавање на еден настан од минатото, туку тој настан да ни биде инспирација и потсетник дека и ние постојано треба да се трудиме и да се среќаваме со Христа Бога. Затоа ова Сретение уште во овој миг да го направиме и наше сретение со Бога, бидејќи тоа ни ја носи вистинската среќа.