„Св. Николај“ - Летен
На 22.05.2025 година, на празникот „Св. Николај“ - Летен, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во храмот „Св. Никола“- с. Жилче – тетовско, освети вода и ги благослови кумските лебови. Во својата беседа по повод храмовиот празник на с. Жилче, Митрополитот г. Јосиф истакна: Денес го празнуваме денот на пренесувањето на моштите на св. Никола од Мир-Ликија во Бари- (Италија). Празник меѓу народот познат како летен св. Никола. По светата отслужена литургија од вашиот свештеник, еве сме да го благословиме кумскиот леб. Денеска собрани во овој свет храм, ние преку песни го воспеваме и фалиме прекрасниот наш светител и брз помошник. На сите кои со вера, љубов и искрена молитва прибегнуваат кон него, тој брзо им ја дава неговата помош. И многумина од нас што стоиме во храмот Божји, можат да си спомнат и да си кажат дека навистина свети Никола ни помогнал многупати. Денешниот светител Црквата го велича како ,,Правило на верата и пример на кротоста, и учител на воздржанието". Од неговото житие можеме да видиме дека неговиот живот бил како море од добродетели, стихија од добри дела. Тој бил и останува, според своите добри дела, вистински одбран сад на љубовта кон Бога и ближните. Свети Никола е еден од најмногу прославуваните Божји угодници, после Богородица и Христа. Во Македонија, 50 проценти од луѓето што имаат домашен ден, го прославуваат како домашен заштитник токму свети Никола. Многу храмови ширум Македонија се посветени на св. Никола. Еве и вашиов храм овде во убавото село Жилче е посветен токму на него, за што сведочи вашето многубројно присуство, почит и љубов кон денешниот светител. Свети Никола го прославуваат и морнарите како нивен заштитник и помошник во страшните бури по непрегледните океани и мориња. Овој голем светител го заслужува сето тоа, зашто живеел чесен живот, со чисто срце, па затоа и Бог го обдарил со таква слава и чест. Нека е за многу години денешниот празник, а на сите оние кои го празнуваат свети Никола како свој заштитник, нека им е вечна славата. Христос Воскресе!