Света и Велика Сабота
На 19.04.2025 г. во Светата и Велика Сабота, кога си спомнуваме за Христовото слегување во Адот, кога Спасителот со телото отпочина во гробот, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение на протоереј-ставрофор Марјанчо Мадевски, протоереј Александар Јанкоски и ѓакон Славче Ѓорѓески, отслужи Вечерна со Света Василиева Литургија во храмот „Успение на Пресвета Богородица” во Гостивар. На Божествената Литургијата верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа митроплитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Мојата денешна кратка беседа ќе ја започнам со зборовите на еден мој професор, кој прекрасно ни објасни што претставува Велика Сабота за нас христијаните. Велика Сабота е денот меѓу смртта и воскресението, меѓу Петок и Велигден, денот што ги спојува распнувањето и радоста. Велика Сабота е ден на исчекување, ден на свештен трепет пред Христовото Воскресение. Добро знаете дека во Ерусалим, на Велика Сабота, во гробот Господов секоја година се случува чудо: Бог го дава Светиот благодатен оган на Ерусалимскиот патријарх и преку него, на сите луѓе. Од гробот Христов, верниците го разнесуваат огнот до сите домови во Светата Земја, а поклониците (аџиите кои биле таму), го носат низ целиот свет. Цел свет се осветлува со светлината на Христовото воскресение и светлината на Христа – Сонцето на правдата и радоста. Бев лично сведок пред две години, благодарение на благословот од нашиот Архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан на таа радост, кога го донесов благодатниот оган во нашата мила Македонија. Денес, во благословена сабота, во која преку оплакувањето и молкот се надѕиркува Христовата победа над гревот, смртта и ѓаволот, созерцавајќи ја таа спасителна и воскресенска тајна, да ги направиме последните подготовки за достојно пречекување на Христовото Воскресение, на Пасхата, која е празник на нашето избавување од ропството на смртта и премин во живот. Сега е моментот во овие денови од страдалната седмица, пред најголемиот христијански празник, Христовото воскресение – Велигден, кога во богослужбениот живот на Црквата Христова е најдраматично, најнеизвесно, бидејќи Господ Исус Христос овие денови страда заради нас и нашите гревови, слабости, страсти но, сите нив Господ Христос ќе ги распне и умртви на Велики Петок, за да ги погреба на Велика Сабота, та во Недела сите заедно да воскреснеме со Христос како нова и обновена твар и да ставиме нов почеток на нашиот живот. Сега е моментот кога целокупната наша тага, сите наши потешкотии и напластени грижи треба да исчезнат во минатото, кога едноставно треба да заборавиме на сѐ што не обременува и кога треба да притрчаме кон прегратките на Христос, Лекарот на нашите души и тела. Нашата тага нека стане радост. Со радост да ги поминеме следните часови до Воскресението и да ги раскинеме оковите и гревовите кои нѐ држат затворени во смртната сенка. Со вера, надеж и љубов во Христовото воскресение, во оваа спасоносна и светлозрачна ноќ, на невечерниот ден, заедно со членовите на нашата домашна црква, од нашите домови да земеме учество во вечната победа на животот, правејќи премин од смрт во живот, преку решителноста да ја прифатиме вечно подадената Христова рака, Која и денес е подадена за избавување од нашите страданија, без разлика каде ќе ја дочекаме радоста на Неговото тридневно воскресение. Во пресрет на празникот, да ги засилиме нашите молитви за болните кои се по болниците и сите оние кои пострадаа во Кочани, и за оние кои и во овој ден се на работните места и кои во таков работен амбиент ќе ја пресретнат најголемата вест, со надеж дека и тие како апостолите ќе го слушнат Христовиот глас на победата кој гласи: „Радувајте се!“ (Матеј 28,9). Посакувам воскресенската радост преточена во најрадосниот поздрав: „Христос воскресе!“ Уште еднаш на крај сите да речеме: Со Твоето неискажливо снисходење, Христе Боже наш, помилувај нѐ! Амин! Бог да ве благослови и дај Боже вака да го гледам храмот исполнет со верници секогаш да сведочите дека сме жива црква на живиот Бог.