Свети Атанасиј
На ден 31.01.2025 кога Светата Црква го прославува празникот на Свети Атанасиј Велики, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф во храмот св. Атанасиј во с. Беловиште-Гостиварско, изврши чин на мал водосвет и беа прекршени кумските лебови. Со свое слово се обрати митрополитот г. Јосиф кој меѓу другото нагласи: Браќа и сестри, голема е мојата радост да сум денес со вас тука во прекрасното Беловиште, каде вие жителите имате изградено храм посветен на денешниот светител св. Атанасиј. Светата православна црква определила на денешниов ден да се празнува еден од најголемите светители на Православието – светиот Атанасиј Велики. Не случајно му е даден овој епитет, затоа што неколкумина од светителите се удостоиле кон нивното име да се прилепи и терминот Велики – со кој се означува и заслужноста, и духовната големина и делото. Така, покрај свети Атанасиј, како велики отци на Црквата се именуваат уште и свети Василиј, преподобните Антониј, Теодосиј, Макариј, Ефтимиј и други. Така се нарекува денешниот славеник, затоа што тој е еден од најголемите бранители на светата православна вера од нападите на еретиците, кои со своите учења сакале да го изменат верувањето, да ја изменат вистината. Свети Атанасиј е меѓу најзаслужните богослови, особено заради неговиот придонес во формулирањето на догмата, односно учењето за Света Троица. Ќе се запрашате зошто говорам толку за свети Атанасиј? Затоа што, претставувајќи ви ја неговата личност и неговото дело, сакам да посочам за што тој живеел и како живеел, и согласно на тоа, како ние треба да го следиме и какви примери треба да земаме од него. За жал, по некои краишта на Македонија, на денешниов ден се практикуваат чинови, обреди и обичаи кои не само што се срам за верата во која сме се крстиле, не само што се потценување на личноста што ја славиме – светиот Атанасиј, туку се и друговерни – пагански. Затоа упатуваме апел, на сите што на овој ден принесуваат курбани, односно крвни жртви, колат животни, се помачкуваат и попрскуваат со крв, и што е најстрашно тоа го прават по дворовите на црквите и во име на православното верување, дека такви обичаи, дека такво верување не постои во Православната црква и кој го прави тоа, покажува дека не е православен. Ние во Црквата принесуваме само бескрвни жртви, како свеќите, лебот, виното, пченицата итн., а последната крвна жртва беше Самиот Христос, Кој за нас се распна на Крстот. Не е воопшто проблем што на овој ден се подготвува храна и тоа некако се утврдило како традиција, но убаво е таа храна да ја подготвуваме и да ја делиме на сиромашните. Прославувајќи го денес светиот Атанасиј Велики, кој го посветил севкупниот свој живот на Црквата, упатувајќи ги своите паства на патот на спасението, борејќи се против гревот, страстите и погрешните учења и зацврстувајќи ја верата со сите нејзини добродетели, нека ни послужи за пример и инспирација, како и ние да одиме по христијанскиот пат, кој води кон добро, кон свето, кон возвишено и благородно. Да се обратиме со искрена молитва кон светиот Атанасиј тој да биде наш молитвеник и помагач, та да можеме достоинствено да го носиме името христијанско.