Свети Атанасиј Велики

На ден 31. 01. 2024 кога Светата Црква го прославува празникот на Свети Атанасиј Велики, архиепископот Алесандриски во храмот „Св. Атанасиј“ - с. Седларце -Тетовско беше отслужена Света Божествена Литургија на која чиноначалствуваше надлежниот епархиски архиереј Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф. Верниот народ се причести со Светите тајни. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беа прекршени празничните кумски лебови. Црковниот одбор на својот владика по повод јубилејот на храмот  му поклони архерејска митра-круна.Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф, истакнувајќи го значењето на храмот за секој еден верник и за самото село ја искажа својата радост за овогодинешниот храмов 40 годишен јубилеј на црквата „Св. Атанасиј“ - с. Седларце. Храмот е душата на селото. Она што е душата за човекот како личност и поединец, тоа е храмот Божји за едно населено место и за сите христијани. Сиот човеков живот, би рекол од раѓањето преку крштелниот купелот, па се до гробот е нераздвојно поврзан со храмот. Низ овој период од 40 години во овој храм се случиле безброј радосни моменти, тој бил место каде што сите вие го наоѓате вашиот животен спокој. Затоа секој од нас треба да се труди и во иднина да го чува и запази овој храм, кој го изградиле Вашите предци и го оставиле на вас, а вие пак како залог треба да се трудите овој заеднички дом да го сочувате за вашите чеда и внуци, кои доаѓаат после вас. Храмот е најголемото  заедничко наследство кое една генерација може да го добие од своите предци. Храмот е духовно лечилиште, место, каде што сите заедно како црковна заедница се осветуваме и богоуподобуваме за да го здобиеме вечниот живот. Би сакал во оваа прилика да им искажам благодарност на Црковниот одбор заедно со нивниот парохиски свештеник за нивниот труд и ангажман околу грижата за овој храм посветен на денешниот славеник Св. Атанасиј Велики. Црквата секогаш нека ви послужи за обединување на нашиот благочестив македонски народ. Посетувајте ја црквата и отварајте ги пред Бога вашите души и срца. Барајте секогаш помош и милост пред Бога за да можете полесно и подостоинствено и христијански да ги поднесувате сите маки што ги носи животот. Не заборавајте дека треба да градиме жив храм во нашите срца, во нашите души и да го сведочиме на секое место нашето вистинско православно исповедание, кое треба да биде придружено со добри дела. Да Му благодариме на Господа Исуса Христа и на Неговата милостива Мајкa, и на Св.Атанасиј чиј спомен празнуваме денес за сите добрини, кои ни ги подариле и да ги молиме постојано да не чуваат и пазат сите нас од секое животно искушение и да го сочуваат ова наше село и овој наш храм за да уште долги години вашите поколенија во него Го прославуваат Троичниот Бог, постојано сега и секогаш и во вечни векови! Амин! Нека е за многу години!