Свети маченик Трифун
14.02.2025 На празникот св.Трифун, во Лешочкиот манастир надлежниот митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф изврши чин на Мал водосвет,а потоа според традицијата беше закроено и лозјето. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниците со пригодна беседа кој меѓу другото нагласи:Како и секоја година така и оваа 2025 се собравме по традиција во Лешочкиот манастир .Светата Православна црква, секојдневно прославува по некој Божји угодник.Вистински христијани се оние, кои имаат голема и бескрајна љубов кон Христа Господа. Вистински христијани, кои со живот ја потврдиле својата вера во Семоќниот Бог, биле и светите маченици. Еден таков маченик, кој не ги жалел ниту својата младост, ниту својата телесна убавина, кој претпочитал заради вечното да го загуби привременото, е денешниот маченик – свети Трифун.Неговото страдање се случило, во времето на императорот Дециј - во III век, кога страдањата на христијаните значително се зголемиле. Свети Трифун бил посочен како христијанин, особено познат кај сите од неговата околина.Тој бил подложен на страшни маки, но ништо не успеало да го поколеба во верата. Неговото страдање завршило кога неговите мачители му ја отсекле главата. На тој начин свети Трифун, ја посведочил верата во Бога.Иако сведоштвото на свети Трифун е во време кое што е многу далеку од нас, сепак неговиот пример е актуелен и денес. И денес, неговиот пример не ја губи својата смисла и своето значење. Денес човештвото, кое што е длабоко потопено во страстите, гревовите и слабостите, ја има помошта и молитвите на мачениците, единствено ако со вера се обрати кон нив.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. маченик Трифун, тој нека всади во нашите срца и во нашите души силна и непоколеблива вера да можеме сите искушенија достоинствено да ги поднесеме.На денешен ден како што знаете постои и еден прекрасен обичај на закројување на лозјата проследен со црковен благослов, зашто, според народната традиција и црковното предание, свети Трифун е заштитник на лозарите.Ние овде во Лешок секоја година почитувајќи ја традицијата ја закројуваме лозата во манастирскиот двор.А лозата, со својот плод – грозјето, има длабока симболика во Православната Црква, зашто, според зборовите на Спасителот, виното, кое Он на Тајната Вечера го благослови и им го даде на Своите ученици, а преку нив и на сите нам, стана симбол на Христова Крв, Крв – која се излеа за сите нас, која ги очистува сите наши гревови и која преку светата Тајна Причест им се дава на православните христијани за соединување со својот Бог.Имајте благословен ден.А оние кои го прославуваат како куќна слава или именден нека им е честит благословен.