Светите четириесет маченици во Севастија (Младенци)

На 22. 03. 2023 год., празник на Светите четириесет маченици во Севастија (Младенци), во храмот Свети Никола-Тетово, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф служеше Литургија на претходноосветени дарови. На Светата Литургија верниот народ се причести со претходноосветените Христови Тајни. Мирополитот г.Јосиф во својата беседа меѓудругото истакна: Житието сведочи дека во 320 година 40 војници од еден полк во Севастија ја одбиле наредбата да се поклонат пред римските идоли и да им принесат жртви. Поради тоа биле повикани кај градоначалникот, биле убедувани да се откажат од Христијанството, а кога тоа го одбиле биле затворени мачени и изведени пред суд. Биле осудени да стојат цела ноќ во вода што смрзува, времето било студено, а 40-те војници стоеле во студена вода во близина на бања со топла вода и им било кажано ако некој се откаже од Христос ќе може да оди во бањата со топла вода каде го чека гозба. Но, момчињата храбро ги издржувале мачењата цела ноќ молејќи му се на Господа. Прекрасен е и достоен за восхит примерот што ни го оставиле овие свети Христови воини. Иако во служба на земниот цар, тие не се откажаа од својот небесен Цар, и заради Него поднесоа страшни маки, претрпувајќи го студот на леденото езеро, во кое беа фрлени и примајќи од Него венци на слава во Царството Небесно. Нивното  житие оставило длабока трага во верата на нашиот Македонски православен народ, а нивниот свет спомен со голема ревност се слави кај нас сè до ден денес. Светите четириесет маченици да ни бидат пример, за тоа како треба и ние денес да Го сведочиме Христа во нашиот живот, храбро подвизувајќи се со душата и телото против нашите гревови и страсти и знаејќи дека за тие привремени маки нè очекува венец во Царството небесно. Амин.