Тодорова Сабота
На 08.03.2025 година, Тодорова Сабота, Неговото високопреосвештенство, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, богослужеше Света Златоустова Литургија во храмот св. вмч. Димитриј-Теарце, во сослужување на свештеници од Тетовското намесништво. Православните христијани кои со пост и молитва се подготвуваа во изминативе денови, пристапија да се причестат со Светите Христови Тајни. Во својата беседа кон благочестивиот народ, митрополитот г. Јосиф меѓудругото нагласи: Браќа и сестри, оваа прва сабота од почетокот на Велигденскиот пост е посветена во спомен на едно чудо што го направил светиот Теодор Тирон и поради тој настан се нарекува Тодорова сабота. Денешниот празник и по својата содржина и по времето на празнување е приврзан кон Велигденскиот пост, кој е во тек. Овие великопосни денови, се определени од Црквата за нас христијаните, како денови кога треба, според Павловите зборови: „да се облечеме во Господа Исуса Христа, и грижата за телото да не ја претвораме во похоти“(сп. Рим. 13,14). Целта на христијанскиот живот е да се богоуподобуваме и да се усовршуваме за да се облечеме во Господа. Целиот наш живот преку најразлични подвизи, дела и постапки, треба да е еден труд да се охристотвориме. Јас денес гледајќи Ве сите Вас заедно во толкав број, овде во овој храмот во славно Теарце, како го очекувате повикот: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете!“, сум радосен и имам една и единствена желба. Секоја недела пред мене да ја имам денешната слика. Но, нажалост искушенијата се многу големи и сите ние секојдневно се соочуваме со нив. Денес сакам да проговорам и за нешто друго кое кај многумина од нас денес се појавува и тоа прераснува во едно заедничко искушение и еден реален проблем на Православната црква. Во поново време, за жал, имаме обичај да постиме само една седмица или две, само првата недела и последната недела од Велигденскиот пост, заради Света причест и потоа веднаш го прекинуваме постот. За тој проблем во својата беседа за Тодорова сабота, уште одамна проговорил и преподобниот Јустин Поповиќ. Тој посочил дека оние кои го прекинуваат постот, наликуваат на луѓе, кои започнале да градат мост преку реката и кога соѕидале метар до два, сами си го растуриле соѕиданото. Колку сликовито ја објаснил состојбата преподобниот Јустин. Затоа, да размисли секој од нас и колку што може да се избори со ова искушение, со цел заедно да стигнеме до целта, да го изградиме мостот до крајот на реката, да го испостиме целиот пост, за да заедно причестувајќи се преминеме преку мостот од смрт во живот. Благиот Господ со Кој денес ќе се причестиме, да ни помогне со Неговите сили да го продолжиме подвигот и постот во светата Четириесетница, за да и сега и секогаш и во сите векови, соединети со Него го здобиеме вечниот живот во Неговото царство. Амин!
На оние, кои денес ќе се причестат и ќе Го примат Христа, Светата причест нека им биде на телесно и духовно здравје и спасение. Оние кои денес имате именден и носите име Теодор,Тодор...нека ви е честит и благословен.
За многу години!