Триесет и четвртата недела по Педесетница

28.01.2024 Во триесет и четвртата недела по Педесетница, преп. Гаврил Лесновски, Неговото Високопреосвештенство митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф во соборниот храм св.Кирил и Методиј - Тетово, богослужеше света литургија во сослужение на: протоереј Александар Стојановски, протоереј Жарко Мицковски, ереј Илија Сламков, ереј Велјанчо Огненовски и ѓаконот Славчо Ѓоргески. Верниот народ се причести со светите тајни. Митрополитот г. Јосиф се обрати кон верниот народ со пригодна беседа на која меѓу другото истакна: Во овој свет постојат многу нешта што човекот или не ги употребува според намената или пак ги злоупотребува. Исто и јазикот им е даден на луѓето за да го слават Бога, да се учат и утешуваат еден со друг, а некои луѓе го употребуваат за хулење на Бога, за самопофалби, за злоба, клевети. Исто и разумот им е даден на луѓето за да им го отвори патот кон Божјата вистина, а луѓето некогаш го употребуваат за помошник и наемник во гревот и порокот. Нашето срце е дадено да биде орган на љубовта, орган за гледање на Бога и небесниот свет, а ние луѓето некогаш го преобаќаме да биде орган на нечистотија, алчност, гордост и омраза. Исто можеме да речеме и за очите дека Бог ни ги даде очите гледајќи го светот да видиме приближна слика на оној другиот бесмртен свет. Ние забораваме на дрвото гледајќи ја неговата сенка, многу луѓе приковувајќи ги своите погледи за овој свет, совршено духовно ослепуваат за Бога и за небесниот свет. Но треба да знаеме дека љубовта се јавува како критериум на нашата вера. Вистинската вера се пројавува себеси преку љубовта и милосрдието, кои никако не можат да се одвојат од неа, како што топлината и светлоста се неделиви од огнот. Кога верата слабее, тогаш надежта гасне и љубовта исчезнува. Затоа оние, кои немаат љубов и мислат дека се христијани – се лажат самите себе. Нивната вера е илузорна. Тие се сметаат за Христови следбеници, немајќи го најважното – Духот Христов. Христијанството тоа е религија на љубовта. Бог на светот му се открива како Љубов. Христијанството тоа е пожртвувана љубов. Овде Бог го утврдува принципот на вечното постоење како љубов, со тоа што Самиот Себе се принесува на жртва. Пред таа тајна – распетието Божјо заради човекот трогнати со стравопочит, трепереа и се чудеа, оние пред кои се откриваше бездната на божествената Љубов – бесконечна како самото постоење. Апостолот Јован Богослов во своето Евангелие му го открива на светот новото име на Бога – Љубов. Господ во Својата последна беседа, на учениците им заповедал да се љубат еден со друг. Да се пребива во љубовта, значи да се пребива во Бога. Љубовта е оној таинствен меч, кој ги одделува учениците Христови од учениците на ѓаволот. Љубовта е небесен оган, кој Христос го донесе на земјата; тој оган мора да го преобрази човекот. Без огнот на љубовта, човековата душа останува студена како труп. Св. апостол Јован Богослов на крајот од својот земен живот постојано ги повторуваше зборовите: Деца, љубете се еден со друг – во тоа е сè. Да запомниме што кажал Апостолот браќа и сестри, но и да практикуваме на дело. Амин !