Успението на Пресвета Богородица
На 28.08.2025 год. празник на Успението на Пресвета Богородица, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф богослужеше Света Литургија во Лешочкиот манастир. На Светата Литургија верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа Митрополитот г. Јосиф меѓу другото нагласи: Денеска го прославуваме Богородичниот празник Успение на Богородица, кој е и манастирска слава на овој древен и славен Лешочки манастир. Со црковни песни ја величаме разделбата на мајката Божја од апостолите и христијаните. Гледано од човечки аспект, секоја разделба предизвикува жал, тага и воздишка, бидејќи блиските и милите се разделуваат од својот сакан, почитуван и знаен. Но, црковната песна нè повикува да чествуваме со радост. Денешниот празник, на некој начин е продолжување на чествувањата и прославувањето на Воскресението на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Затоа, светата Црква не тагува, туку се радува. Се радува, бидејќи мајката Божја го напушта овој привремен свет и оди во царството Божјо, во прегратките на својот Син, Господ Исус Христос. Оди кај својот Син и Бог наш, но не нè напушта, како што се пее во тропарот на денешниот празник: Во рождеството си го зачувала девството, а во успението не си го оставила светот, Богородице. Света Богородица, со својата скромност, смиреност, послушност и понизност, ќе се удостои да биде Мајка на Оној Кој што е поширок и поголем од вселената, Творецот на сè. Всушност, уште Предвечниот совет на Светата Троица, во неа ќе види можност за реализација на спасението на човечкиот род и основање на светата Црква. Таа е избран сосуд Божји, преку кој се реализира домостројот на спасението на родот човечки. Денеска севкупниот свет е исполнет со пофалба кон неа. На нејзиното славно успение сè се радува. Се радува видливиот, се радува и невидливиот свет. Се радува разумното, се радува и неразумното. Се радуваат сите посетители и поклоници од Полошкиот регион во нашата Тетовско-гостиварска епархија, кои за своја заштитничка и молитвеница ја имаат Богомајката. Во овие празнични мигови, наоѓајќи се под закрила на Небесната царица овде во нејзиниот манастир, да И се обратиме со молитва на Возвишената, да ни биде како и секогаш, и сега постојана застапничка и молитвеничка пред Бога за нас и за сите наши идни поколенија. Таа нека биде нашата патеводителка на патот кон спасението и Нејзиниот благослов нека биде врз сите нас, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!