Втората недела од Великиот пост
На 31.03.2024 година, во Втората недела од Великиот пост - Неделата на свети Григориј Палама, во соборниот храм Св.Кирил и Методиј-Тетово, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г.Јосиф, во сослужение на протоереј Жарко Мицкоски, протоереј Александар Стојановски, ереј Велјанчо Огненовски, ереј Илија Сламков и ѓакон Живомир Јосифовски. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот г.Јосиф се обрати кон верениот народ со пригодна беседа на која меѓудругото нагласи: Денеска ја прославуваме оваа втора седмица од Великиот Пост, која светата Црква ја посветила на св. Григориј Палама. Овој Божји угодник поднел многу страдања, и бил вистински ревнител и исповедник на Православието, борејќи се против тогашното погрешно учење, кое го застапувал калабрискиот монах Варлаам. Св. Григориј преку постот и покајанието, проследени со молитва, бил издигнат и просветлен од Божјата љубов за да може да Го созерцава Троичното Божество и да ја види светлината Божја, како што биле удостоени и други свети Божји угодници, со чист и непорочен живот. Покрај историскиот аспект, оваа недела содржи и богат духовен аспект, кој не смее да го занемариме. Не смее никако да го заборавиме дека светиот Григориј Палама е тајноводник во една за нас толку спасителна и возвишена вистина: дека живиот Бог е достапен на нашето лично искуство, бидејќи Синот Божји ја зеде нашата природа и стана Син Човечки за да ги направи луѓето синови Божји, созерцатели на нетварната божествена светлина и учесници во божествената бесмртност. Таа спасителна вистина, браќа и сестри, треба да биде наш секојдневен копнеж. Секој од нас во целокупниот свој живот треба да се потруди да ја достигне целта на христијанскиот живот. А целта е како што спомнав да се обожиме и да станеме богови по благодат. Тоа значи да се уподобиме на својот Создател – Бог. Таа е наша обврска. Блаженоупокоениот светогорски старец Георгиј (Капсанис) во своето слово „За благодатта Божја“, зборувајќи за начините за примање на благодатта ја употребил светоотечката максима „Дај крв за да примиш дух“. И сето искуство на Црквата ни сведочи дека без аскетски подвиг и без труд не може да ја примиме Божјата благодат. Човекот мора да се покае и исповеда, да се смири и да пости, да живее во Црквата и според Црквата, да се моли за да Го прими Духот на вистината". Мојата беседа ќе ја завршам со зборовите кои неодамна ги прочитав кај познатиот старец Нектариј Виталис кој вели: Потребно е да почекате. Бог делува. Но, Тој има свој сопствен ритам. Бог делува трпеливо. И природата исто така. Цветот ќе се отвори кога ќе дојде времето. Сѐ се менува, но со сосема поинакво темпо од она на кое нашето избезумено општество се навикнало. Оваа трчаница, оваа паника, овој бран што сите нас нѐ прави толку забрзани, воопшто не Го допира Бога. Бог не влегува во оваа луда ритмика. Тој се движи во ритмот на својата љубов и на своето трпение.