Втората недела по Педесетница

На 18.06.2023 година, на Втората недела по Педесетница, Mитрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф отслужи Божествена Литургија во соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ во Тетово. Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни. Во својата беседа за денешното прочитано евангелие митрополитот г. Јосиф нагласи: Денешното евангелие ни зборува како нашиот Спасител ги повикал на апостолска служба двајцата браќа Петар и Андреј и синовите на Заведеј, Јаков и Јован. И денес Христос нè повикува сите нас велејќи: „Појдете по Мене…“. И денес во Своето евангелие Христос нè повикува да Го следиме, да постанеме ловци на луѓе. Само еден добар пример на сочувство и самоодрекување, една беседа, еден добар збор, еден спасителен совет и убедување – сево ова е мрежа која, фрлена во Христовото име, сигурно ќе даде добар лов. Многумина од нас јасно го слушаат Христовиот повик, но не го прифаќаат Неговиот глас. Тие го задушуваат во себе гласот Божји. Забораваме ли дека Бог секогаш го бара нашето спасение? Забораваме ли дека ние сме Негово наследство и дека Нему Му припаѓаме? Денес се потребни апостоли повеќе од било кога. Многу луѓе, браќа, сестри, ближни и подалечни, живеат во омраза, се уништуваат меѓусебно како ѕверови. А повеќето луѓе во светот живеат потполно неодговорно за својата душа, ја заборавиле, ја напуштиле затоа што мислат дека животот е само да јадат, да спијат, да работат и пак да спијат. Душата спие во длабок сон. Потребни се апостоли, потребни се смели, предани гласници кои не го жалат својот глас и не ја штедат својата сила. Денешните евангелски зборови нека нè повикаат да се предадеме во рацете на Христа, па слично на апостолите и ние да бидеме подготвени да појдеме по Него, по нашиот Спасител и Господ.