Чувар на вселената[1]

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски храмот „Свети Атанасиј Велики“ во с. Брвеница, општина Брвеница - Тетовско, на 31. 03. 2019

Чувар на вселената[1]

Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и

нека го земе крстот свој и нека оди по Мене... (Марко 8,34).

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!                                         

Драги браќа и сестри,

             Ова се евангелските зборови, кои секогаш ги слушаме во оваа трета недела од Великиот пост, која нашата света Православна црква ја определила да се сеќаваме, да се поклонуваме и да го славиме Честниот крст на Кој бил бил распнат нашиот Господ Исус Христос пред да воскресне и да ни подари нов живот. Во оваа недела, позната како Крстопоклона, изнесувајќи го и поставувајќи го на средината од храмот Христовиот крст – ние се сеќаваме на Христовото распнување на крстот и на еден начин се подготвуваме за споменот на Неговото распнувањето во Страсната седмица, пред самиот празник Велигден. Нашата Црква, познавајќи ја слабата човечка природа и грешност, како и желбата на секој човек, кој со сите свои сили настојува овој пост чесно да го доврши, по три недели на телесен и духовен подвиг го определила овој ден и за да нè потсети на големото значење на Крстот во нашиот живот, кој е наша утеха во верата и надеж за доаѓањето на Воскресението како круна на нашето постоење.

              Сите наши погледи денес се насочени кон чесниот и животворен Крст Господен, Кој „е украс на Црквата, потпора на верните, чувар на вселената, слава на ангелите и пораз на демоните“. Кога ќе го здогледаме Крстот – во нашите мисли се појавува сликата од Голгота од Христовото распетие, а пак од зборовите на денешното евангелско четиво: Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене...  (Марко 8,34) сме потикнати да размислиме дали во овие дни и во нашиот живот позитивно сме одговориле на Христовиот повик, дали сме се одрекле од себе и дали достојно го носиме крстот свој. И навистина тие размисли се одлични за овој период. Веќе се наоѓаме на половината од постот и на самото негово преполовение, веќе се чувствува умореност во нас. И како што спомнав на почетокот, на преминот во втората половина од постот чуствувајќи потреба од помош ние ободрување добиваме преку светиот и животворен крст. И тоа не е случајно. Зарем преку Крстот не се случи победата на смртта и радоста на воскресението? – Затоа покрај сè, во нашиот животен пат овде на земјата не треба да бегаме од реалноста на Крстот, и не треба само да го носиме крстот, туку треба да го земеме и да живееме со него, а живееме и вистински го носиме тогаш кога се одрекуваме од сопствените страсти и желби, кога се покајуваме и со вера ја прифаќаме и се предаваме на Божјата спасителна волја и промисла за секој еден од нас. Деновиве токму на оваа тема прочитав прекрасен текст на големиот современ богослов, отецот Александар Шмеман, кој вели: „не можеме да го земеме својот крст и да одиме по Христа, ако не го примиме Неговиот Крст, Кој Он го зел за наше спасение. Нè спасува Неговиот крст, а не нашиот. Само Неговиот крст ни ја соопштува смислата, туку и силата на нашите крстови“, колку прекрасно кажано!

                И, навистина мили мои, преку Христовото распнување ние ја дознаваме смислата на нашето животно распетие. Преку Христовото страдање – ние единствено ја дознаваме смислата на нашето страдание. Господа Исуса Христа од преголема љубов за сите нас без исклучок се распна на Крстот за да нè искупи од проклетството на смртта и ѓаволот. И ние од љубов треба да го носиме крстот и да истраеме во животните маки, цврсто опстојувајќи во верата за да на крајот од овој живот, очистени од гревот го здобиеме спасението. Во таа насока со сите Вас ќе го споделам прашањето, кое го содржи и денешниот синаксар, а тоа гласи вака: Ако нашиот Бог се распна заради нас, колку ли повеќе треба ние за Него да се трудиме, олеснувајќи ги нашите болки со предлагањето на страданијата Господови и со сеќавање и надеж на славата на крстот? – А одговорот е дека треба да се трудиме, на тој начин што секојдневно ќе го носиме својот крст. Често и во комуникацијата на нашиот народ може да ги забележиме зборовите „Секој со својот крст“, кои асоцираат на животните страданија на секој еден од нас. Но запаметете дека без страдање и смрт – нема воскресение. Затоа да не се плашиме од страдањата, и да го носиме својот крст постојано, бидејќи според Христовите зборови: „кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене“ (Матеј 10,38). Самиот Христос нè повикува да го носиме крстот свој, но со тој повик, треба да се сетиме дека ние сме повикани својот крст преку следење на Христа да го преобразиме во Крст Христов. Тоа значи својот живот да го уподобиме на Христовиот живот, бидејќи секое друго носење на крстот во животот – ако не е пропратено со следење и уподобување на Христа е неплодно и залудно.

             Тој наш животен крстен пат кон Голгота го поминуваме овде на земјата и тоа секојдневно. На тој пат сите ние се среќаваме со безброј искушенија и страданија. Често знаеме да се сопнеме и да паднеме, да скршниме лево или десно. Во ова современо, но тешко време, време во кое во високи размери се чувствува светската морална ерозија, знаеме дека не е воопшто лесно да се носи својот крст и да се практикува на вистински начин православниот подвиг во животот. Многумина кои го носат Христовиот крст страдаат. Често последниве години слушаме дури за убиства на наши браќа и сестри христијани низ светот, и тоа е одсликано во зборовите од денешното евангелие: „Зошто, кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ја загуби душата своја заради Мене и Евангелието, тој ќе ја спаси“ (Марко 8,35). Носењето на крстот, како во минатото така и денес е своевидно мачеништво и сведочење, но и покрај сè, ние како вистински христијани не треба да се откажуваме од тој пат, бидејќи за вистинскиот и прав христијанин – единствено Крстот е сè во неговиот живот!

           На крај збор два ќе кажам и за светиот Кирил Ерусалимски, чиј спомен го празнуваме токму денес. Тој во својот живот достојно го носеше својот крст, претрпувајќи доста страданија и прогонства. Во една своја поука кон христијаните, пак за крстното изобразување го кажал следното: „Осенувај ја со крстниот знак храната што ја јадеш, облеката што ја носиш, вратата кога излегуваш и кога се враќаш во домот“. И, ние браќа и сестри да постапуваме според Кириловите зборови и не само овде во овој храм, туку и во домот да практикуваме правилно да го изобразуваме светиот крст и да се прекрстуваме пред секоја работа. Исто така, како и светиот Кирил да не се откажуваме и тогаш кога ни е тешко од својот крст, туку носејќи го постојано, слободно да го прифатиме Христа, одрекувајќи се од секое наше себеволие и потполно да се предадеме на Христа, живеејќи евангелски, и да изговараме: „Заштити ме, Господи со силата на чесниот и животворен Твој Крст и сочувај ме од секакво зло“ и сега и секогаш и во сите векови. Амин!

           Нека е за многу години! Под крстното знамение во овој храм секогаш да наоѓате утеха. И знам дека наоѓате утеха, бидејќи тоа го потврдувате со напредувањето на градбата на храмот за слава на Бога. Со секое мое доаѓање од Брвеница си заминувам со радост. Бог да ве благослови!

 

[1] Беседа изговорена во храмот „Свети Атанасиј Велики“ во с. Брвеница, општина Брвеница - Тетовско, на 31. 03. 2019 (Свети Кирил, архиепископ Ерусалимски и свети Анин Чудотворец) – Трета недела од Великиот пост – Крстопоклона – посветена на чесниот и животворен крст.