Да го примиме Христа

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски св. Кирил и Методиј Тодорова Сабота 16.03.2019 г.

                                                    Да го примиме Христа [1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

          „Живот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единствениот вистински Бог и испратениот од Тебе Исуса Христа”                        

                                                                                                      (Јован 17,3)

Драги браќа и сестри,

Оваа прва сабота од почетокот на Велигденскиот пост е посветена во спомен на едно чудо што го направил светиот Теодор Тирон и поради тој настан се нарекува Тодорова сабота. Јавувањето на светиот великомаченик Теодор Тирон и укажувањето на подлите намери на  царот Јулијан Апостата биле повод да се востанови денешниот празник. Имено, еднаш, непосредно пред почетокот на велигденскиот пост,  царот Јулијан Отстапникот сакал да им напакости на христијаните и наредил храната што се продавала по пазарите да се испрска со крвта на жртвите што им се принесувале на римските идоли. Меѓутоа, свети Теодор Тирон по Божја промисла му се појавил на цариградскиот патријарх Евдоксиј и му кажал да им забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите, зашто таа ќе биде осквернавена со крв и наместо тоа, цела недела да јадат пченица со мед. Патријархот така постапил и христијанските верници отанале неиспоганети. На крајот од седмицата христијаните му оддале благодарност на маченикот Теодор, кој и по напуштањето на овој свет не ги оставил христијаните.

Денешниот празник и по својата содржина и по времето на празнување е приврзан кон Велигденскиот пост, кој е во тек. Овие великопосни денови, се определени од Црквата за нас христијаните, како денови кога треба, според Павловите зборови: „да се облечеме во Господа Исуса Христа, и грижата за телото да не ја претвораме во похоти (сп. Рим. 13,14). Целта на христијанскиот живот е да се богоуподобуваме и да се усовршуваме за да се облечеме во Господа. Целиот наш живот преку најразлични подвизи, дела, постапки треба да е еден труд да се охристотвориме. Само охристотворените христијани, доаѓаат до вистинско познание на Бога и на вечниот живот. Тие знаат дека „Живот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единствениот вистински Бог и испратениот од Тебе Исуса Христа” (Јован 17,3). Токму во времето на постот, секој од нас треба да го познае Бога и да се потруди да го наследи вечниот живот. А вечниот живот, не смееме да заборавиме дека не се наследува само со правење на добри дела, само со воздржување од храна и пијалоци, нити само со исполнување на Христовите заповеди, ниту само со смирение, туку најпрво и пред сè преку Светата тајна Евхаристија, позната како Причест, кога ние христијаните го вкусуваме самото Христово пречисто Тело и Неговата животворна Крв. Токму во тоа се состои „познавањето“ на Бога и наследувањето на вечниот живот, бидејќи како што е напишано и во Светото евангелие „ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе“ (Јован 6,53).

Дојде денот кога и многумина христијани, кои овие денови се подготвувале преку пост, преку молитва, и кои со покајание се исповедале, денес ќе застанат пред светата Чаша, со желба да се причестат со Христа Господа. Но, пред да ја примиме Светата причест треба уште еднаш да се запрашаме дали сме подготвени телесно и духовно, дали сме ги замолиле да ни простат оние на кои сме им згрешиле, дали искрено се каеме за нашите прегрешнија и дали навистина со вера пристапуваме кон Христа, Кој искрено сака секој од нас да се причести и на тој начин да Го примиме и да се соединиме со Него. Затоа е востановен и постот. Тој всушност е подготовка, преку која човекот треба да се очисти од гревовите и страстите со цел да го прими Христос и да постане наследник на вечниот живот. Преку Светата причест не само што стануваме наследници на Небесното царство, не само што се соединуваме со Христос Бог, туку и ние како браќа и сестри во Христос се соединуваме едни со други, собрани на ова литургиско свештенодејствие.

Јас денес гледајќи Ве сите Вас заедно во толкав број овде во храмот, како го очекувате повикот: „Со страв Божји, вера и љубов пристапете!“ сум радосен и имам една и единствена желба. Секоја недела пред мене да ја имам денешната слика. Но, нажалост искушенијата се многу големи и сите ние секојдневно се соочуваме со нив. Денес сакам да проговорам и за нешто друго кое кај многумина од нас денес се појавува и тоа прераснува во едно заедничко искушение и еден реален проблем на Православната црква. Во поново време, за жал, имаме обичај да постиме само една седмица или две, само првата недела и последната недела од Велигденскиот пост, заради Света причест и потоа веднаш го прекинуваме постот. За тој проблем во својата беседа за Тодорова сабота, уште одамна проговорил и преподобниот Јустин Поповиќ. Тој посочил дека оние, кои го прекинуваат постот, наликуваат на луѓе, кои започнале да градат мост преку реката и кога соѕидале метар до два, сами си го растуриле соѕиданото. Колку сликовито ја објаснал состојбата преподобниот Јустин. Затоа да размисли секој од нас и колку што може да се избори со ова искушение, со цел заедно да стигнеме до целта, да го изградиме мостот до крајот на реката, да го испостиме целиот пост, за да заедно причестувајќи се преминеме преку мостот од смрт во живот.

За да го надвладееме тоа и другите искушенија треба почесто и да доаѓаме во црква, зашто заедничката молитва има голема сила и таа ги зајакнува дури и  нашите напори за праведен живот. Човекот е литургиско битие. Литургискиот живот е од особено значење за нас православните христијани, бидејќи не може да биде православен ако не се живее литургиски живот. Затоа да ги посетуваме секојдневните великопосните богослуженија, претходноосветените, празничните и неделните литургии и акатистите и да Го молиме Благиот Господ со Кој денес ќе се причестиме да ни помогне со Неговите сили да го продолжиме подвигот и постот во светата Четириесетница, за да и сега и секогаш и во сите векови, соединети со Него го здобиеме вечниот живот во Неговото царство. Амин!

На оние, кои денес ќе се причестат и ќе Го примат Христа, Светата причест нека им биде на телесно и духовно здравје и спасение.

За многу години!

 

 

 

 

 

[1] Беседа на Литургијата во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово, на 16. 03. 2019 (Тодорова сабота).