ДЕЦЕНИСКА СЕОДАНА АРХИЕРЕЈСКА СЛУЖБА

ДЕЦЕНИСКА СЕОДАНА АРХИЕРЕЈСКА СЛУЖБА[1]

 

Ваше блаженство, Ваше високопреосвештенство, почитуван директор на Комисијата за верски прашања, пречесни отци, почитувани присутни, 

            Денес во овој наш древен манастир се собравме достоинствено да ги одбележиме двата големи јубилеи, кои се взаемно поврзани: 10 години од основањето на Тетовско-гостиварската епархија и 10 години од интронизацијата на нашиот Високопреосветен митрополит г. Јосиф.

            Ми претставува чест како епархиски секретар, од името на сите свештеници и од верниот народ, на сите Вам да Ви посакам топло добредојде и да Ви се заблагодарам што денес сме заедно со една причина – да ја споделиме јубилејната радост со нашиот почитуван Митрополит Јосиф, кој еве по Божјата промисла и милост, по молитвите на Богомајката, на светиот Атанасиј Велики и на светиот Кирил Лешочки – веќе цели десет години се наоѓа на тронот на Тетовско-гостиварската епархија, и со голема љубов, сеодано, како вистински Христов пастир ја извршува архиерејската служба во Црквата.

            Моето поздравно обраќање не би било потполно доколку не кажеме збор два за денешните јубилеи. Точно пред една деценија, Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, воден од духовната грижа за народот на овие простори, од пастирски причини по упокојувањето на Митрополитот Кирил во 2013 година, донесе одлука дотогашната Полошко-кумановска епархија да ја подели на два дела, односно на: Тетовско-гостиварска епархија и на Кумановско-осоговска епархија. Само неколку месеци потоа Синодот носи уште една значајна историска одлука и за прв Митрополит на новооснованата Тетовско-гостиварска епархија го избира дотогашниот викарен Епископ велички г. Јосиф, чие што митрополитско служење започна со денот на неговото востоличување на 03 ноември 2013 година во Соборниот храм „Свети Кирил и Методиј“ во Тетово.

            Еве по точно десет години од тие радосни настани за нашата помесна Црква, денес, како соработник на Неговото високопреосвештенство, јас но и сите свештенослужители и верен народ од Тетовско-гостиварската епархија, Му благодариме на Севишниот Бог за тоа што благоволи со оваа наша епархија да раководи токму нашиот смирен духовен татко Митрополитот г. Јосиф, кој во оваа измината деценија се покажа како вистински пастир и како храбар отец, кој е секогаш тука за сите нас неговите духовни чеда.

Голем дар за сите нас е тоа што за наш архиереј на овие простори имаме човек со големо срце, човек кој има длабоко разбирање за сериозноста на епископскиот чин, човек кој до тој висок свештен чин стигнал постепено поминувајќи ги сите скалила на светотаинскиот живот, почнувајќи од Светиклиментовиот расадник, од нашата богословија, калејќи се во Бигорската свештена обител, за да потоа црпејќи искуство како викарен – помошен епископ на Неговото блаженство во Скопската епархија, биде назначен за прв Митрополит со седиште во Полошко-мавровскиот крај.

За архиерејската служба и пастирско делување на Митрополитот наш г. Јосиф во Тетовско-гостиварската епархија во изминативе десет години има премногу што да се каже..., но знајќи дека некои работи не можат интегрално да се доловат со зборови, длабоко свесен за мојата маленкост и за неможноста во ова мое кратко излагање да опфатам сè што ти Високопреосветени владико направи за оваа Епархија, за нас свештениците, а најмногу за нашиот македонски народ, ќе се обидам само накратко во интерес на времето да ја отсликам со зборови Вашата сеопфатна и плодотворна служба.

Почитувани,

Дедо Јосиф од неговата интронизација па сè до денес, секојдневно е нераздвојно поврзан со својата епархија. Тој со особена посветеност како прв Митрополит веднаш по интронизацијата постави добри темели за градење на црковниот живот. Како млад архиереј на почетокот особено брзо се соочи со целокупниот процес на административно уредување, ја етаблира епархијата и воспостави вистински поредок за понатамошно функционирање. При бројните канонски визитации во намесништвата и парохиите трезвено забележувајќи ја суштината на проблемите, носеше мудри одлуки, преку кои епархискиот живот во рамки на можностите резултираше со голем напредок. Главна преокупација на Митрополитот беше да го издигне црковно-литургискиот живот насекаде во епархијата, како во градските, така и во руралните места. За таа цел беа обновени и изградени и осветени повеќе цркви и манастири и придружни објекти ширум епархијата. Како вистински неимар и духовен градител посебно внимание посвети на обновата на Лешочкиот манастир, кој после долг историски период повторно заблеска во својата убавина. Но нашиот Митрополит не се грижи само за  зачувување на црковниот имот и за нашето црковно културно наследство, туку најмногу од сè во фокусот на неговата служба се верниците. Со цел нивно просветлување, постојано нè поттикнува и поучува како треба да мисионериме, како треба да се грижиме за нашите парохијани. Уште во првата година од својата служба го основа епархиското списание „Огледало“, кое низ годините се отпечати во неколку броеви, а беа издадени и други книжевни дела за просветлување на народните маси. Она што мора да го напоменам е и социјално-хуманитарната грижа која владиката ја насочува кон најранливите наши сограѓани.

Во оваа дадена прилика и чест да говорам, меѓу другото сакам да посочам дека Митрополитот Јосиф за нас неговите соработници и свештеници не е само претпоставен и надлежен архиереј, тој пред сè и над сè е човек, кој е достапен во секое време за нас и за сите наши потреби. Тоа е најголемиот дар за еден свештеник – да има во лицето на својот владика – човек, кој е отворен и кој постојано се грижи и ги разбира своите чеда. Тој негов делотворен, искрен, па би го нарекол и пријателски однос се отсликува и во неговите односи со народот. Неговата отвореност за комуникација со секој еден човек најмногу зборува за неговата способност за да ислуша, за да посоветува, па дури и да помогне не само со зборови, туку и со дела. Тоа негово молитвено смирение, трпението и сочуствителност на моменти најмногу сме ја осетиле ние кои сме присутни во оваа просторија. Но, и покрај неговата монашка душа, заради епархиските и пастирските потреби - тој е човек од акција, грижлив архиереј, добар раководител и набљудувач на сите општествени случувања во нашата земја. Во изминатиот период тој воспостави добри односи со општествените чинители како на локално, така и на централно ниво во интерес на Црквата. Исто така посебно внимание посвети и на развој на меѓуверскиот соживот на овие простори, каде тоа беше неопходно и повеќе од потребно. Нашиот владика е респектиран член на Синодот, од кое што тело изминативе години во повеќе наврати добивал и извршувал повеќе задачи и активности: во повеќе наврати бил пратеник на матурските испити во Богословијата, избран е за заменик потпретседател на Архиепископскиот црковен суд, бил дел од повеќе делегации за разни манифестации и сослужувања. Сето тоа говори за сестраноста и достоинството на нашиот ценет Митрополит г. Јосиф.

Она што сакам посебно да го издвојам од митрополитските достигнувања на нашиот надлежен архиереј и да го нагласам во овој миг е неговата константна ревност и постојаност во служењето, како и еланот со кој се трудеше и допринесуваше во процесот кој го иницираше за канонизација на светиот Кирил Лешочки, патронот и закрилникот на нашата епархија, чии што свети мошти почиваат во овој манастир. Таа негова посветеност во расветлувањето на светоста на овој наш истакнат преродбеник е само доказ за неговата посветеност и свесност за потребата на народот да му се претстави вистински духовен образец за живот преку светителскиот лик на преподобниот Кирил Лешочки, чија што канонизација е од огромно духовно значење за сите верници на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.

Сумирајќи ја накратко неговата плодотворна служба сакам да укажам дека сите овие резултати и видливи дела, кои нашиот високопочитуван Владика ги направил произлегуваат и се резултат на неговата длабока вера во Бога, од која се раѓаат надежта и љубовта во служењето, како врвни и потребни карактеристики за успешна епископска мисија. На крај, Високопреосветен митрополите Јосифе, дозволете пред сите присутни, од името на целокупното свештенство јавно да Ви заблагодариме за Вашата целокупна грижа за нас и за нашиот верен народ и од наше и од нивно име да Ви го честитаме овој Ваш прв поголем јубилеј, посакувајќи Ви со полно здравје уште долги години да нè водите по Христовиот пат и да си дочекувате уште поголеми јубилеи и чествувања. 

На многаја и благаја лета, Високопреосветени владико свет!

 

[1] Говор од духовните чеда на Митрополитот г. Јосиф, изречен од епархискиот секретар на ТГЕ, протојереј-ставрофор Марјанчо Мадевски за време на одбележувањето на епархискиот и митрополитскиот јубилеј во Лешочкиот манастир, на ден 02.11.2023 година.