Израз на љубовта

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 10.03.2019 г. „Пресвета Богородица“ – Гостивар -  Прочка

Израз на љубовта

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Бидејќи, ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и

вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен

(Матеј 6,14)

Драги браќа и сестри,

          Остануваат уште неколу часа до почетокот на Светата Четириесетница, на големиот и спасоносен Велигденски пост, и токму во овие мигови, пред почетокот на постот сме на вистинското место, тука во храмот Божји од каде треба и да започне нашата подготовка за дните на постот. Изминативе подготвителни недели, Светата Црква нè повикуваше на самоотценување и тоа преку прекрасни евангелски примери. Денес, пак е денот кога ние треба сами да се запрашаме што сè сме направиле и како сме живееле во изминатиов период? Престојните часа треба да ги искористиме и да станеме судии на својот живот, за да застанеме пред Бога со длабоки сознанија за својата духовна состојба и признавајќи дека сме згрешиле, да зачекориме во времето на постот.

Но, покрај тоа што треба да застанеме пред Бога, ние треба да застанеме и пред нашите ближни, но и пред сите други роднини, колеги, пријатели, другари и останати луѓе на кои сме им згрешиле и да им побараме прошка од нив. Токму затоа и денешниот ден познат во народот како Поклади или Прочка – е од Црквата определен и нагласен како ден на меѓусебно простување на верниците пред почетокот на постот. Овој ден во суштина е ден кога сите ние треба да покажеме на дело една искрена и пожртвувана љубов и следејќи го Христовиот пример – безусловно и безгранично да им простиме на луѓето околу нас за да можеме вистински и мирно да запловиме во спасоносните води на постот.

Вратата на постот на еден начин ни ја отвора взаемното простување. Без прошка и простување човек не може да биде смирен. И самата психологија го потврдува тоа. Но, ние како вистински христијани, треба да покажеме љубов и подготвеност да простиме. Како верници треба да знаеме дека простувањето е најголема човекова доблест или како што би рекол Рајнхолд Нибур: „Простувањето е конечна форма на љубовта“. Досега не сум сретнал подобро дефинирање на простувањето, кое не е ништо друго освен еден израз на љубовта кон другиот или покажување на љубов на дело. Сите ние денес сме на тест, на едно тестирање на љубовта. Дали ќе му пружиме рака и на другиот, на тој што ни згрешил или пак дали ќе подадеме рака на помирување и прошка на оној на кој ние сме им згрешиле. Како христијани треба во секое време да сме подготвени да простиме и да побараме прошка. Ние во никој случај не треба да го мразиме грешникот, туку гревот, бидејќи како луѓе, сите ние имаме недостатоци и мани, имаме свои слабости и стравови. Понекогаш искушенијата се толку големи што дури и несвесно дозволуваме да надвладеат врз нас. Но затоа денес е Прошка! И затоа денес помладите треба да отидат кај постарите, а оние, пак кои пред некого се огрешиле да притрчаат кај оној на кого му згрешиле и да кажат само едно едноставно: Прости ми! Понекогаш можеби, пак е потешко да се слушне повратниот одговор: „Простено да ти е од мене и од Бога“. Има и такви случаеви. Неодамна прочитав едно слово за непростувањето од познатиот романски старец Клеопа, кој нè советува: „Ако три пати побараш простување и не ти простува, ти помоли се за него, зашто тој не знае за зборовите на Спасителот, кога Го прашаа колку пати да проштеваме, на што Он одговорил: „Не ти велам седумпати, туку седумпати по седум“ (Матеј 18,22). Токму во тие зборови на Господ Исус Христос треба треба да ја гледаме големината на љубовта и простувањето, бидејќи постот без нив не е плодотворен. За тоа сведочат и евангелските зборови: „И така, ако принесуваш дар на жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот, па отиди најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и принеси го дарот.“ (Матеј 5,23-24). Затоа драги браќа и сестри, овој пост да го започниме со познание, со покајание и со простување. „Еден кон друг бидете добри, сочуствителни, проштевајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христа“ (Ефес. 4,32) нè советува апостолот Павле. Кога ќе си простиме едни со други, како што чувме од денешното евангелие и „нам ќе ни прости нашиот Отец небесен (сп. Матеј, 6,14). А потоа во дните на постот, следете го советот на светиот Исидор Пелусиот и „доброто запишувајте го на камени плочки, а навредата – на водата“. На тој начин таа брзо ќе исчезне од секого, за миг ќе ја снема и ние ќе можеме слободно да се фокусираме на постот.

Од денешното апостолско, четиво ги слушнавме и Павловите зборови: „Ноќта помина, а денот се приближи: да ги отфрлиме, пак сите дела на мракот и да се облечеме во оружјето на светлината“ (Рим. 13,12).  И навистина откако и оваа престојна ноќ ќе помине ќе се приближи денот, ќе дојдат деновите на Великиот пост, кога веќе ќе треба да го отфрлиме гревовниот живот и да се здобиеме со добродетели преку воздржание, покајание и молитва. Затоа постот е очекувано и потребно време за сите нас. Тоа е време за конечно себеосвестување, за освестување на човековата природа падната во грев. И не случајно овој пост е во пролет, кога природата околу нас започнува да се буди, да разеленува и во иднина да процветува. Самата природа допринесува за наше духовно пробудување. Така и ние треба да се огледаме и во самата природа и во ова време на пост треба да ја започниме нашата духовна преобразба, преку наше разбудување од гревот, преку покајние и очистување на срцето, преку просветлување на умот – да стигнеме и до обожување.

Три моменти се значајни за постот. Постот треба да го разбереме како време на бунт и тоа бунт против нашата гревовна природа. Човекот треба да го искористи времето на постот за да се промени. Затоа треба во престојниот период да ги насочиме сите свои бунтовни импулси кон борба со своите гревови и лоши навики. Потоа постот е време на активно духовно движење. Духовниот живот секогаш бара движење кон Бога, зашто без  движење во нови хоризонти, невозможно е духовно да растеме и да се развиваме. Постот освен што е време на бунт и време на активно духовно движење, тој претставува и  време кога треба да станеме реалисти. Вистинскиот христијанин е вистински реалист. Тој цврсто стои на земјата, се грижи за своите ближни, работи за својата татковина, го љуби својот народ, а главна смисла на неговиот живот е Христос.

Ако ги исполниме овие три значајни моменти во дните на Велигденскиот пост – ние тогаш сме постеле вистински, не само телесно, туку и духовно. Телесниот и духовниот  аспект на постот се нераздвојни. Сите треба да знаеме дека телесниот пост е само вовед во духовниот пост.  Ако само се воздржуваме од калорична храна и ако постиме, а вршиме лоши дела, таквиот пост е формален и без никаква духовна вредност. Таквиот пост е само една обична диета. Вистинскиот пост, покрај воздржувањето од храна, бара воздржување и од лоши мисли и дела. За суштината на постот, ни кажува и самиот Господ во книгата на пророк Исаија, каде се вели: „Еве го постот што го избрав: раскини ги оковите на неправдата, разврзи ги јазлите на јаремот, угнетените пушти ги на слобода и скрши го секој јарем; подели го лебот свој со гладните и бездомните, сиромасите доведи ги во домот свој; ако видиш гол – облечи го...“ (Ис. 58,6-7). Колку прекрасни зборови! Изминативе денови браќа и сестри треба да го практикуваме овој Господов совет, да се потрудиме да се смируваме, да станеме кротки и трпеливи, полни со љубов и во никој случај да не ги осудуваме другите или пак оние кои не постат, оти не е наша работа да гледаме кој пости, а кој не пости, наше е ние да се погрижиме за нашата душа, бидејќи само на тој начин ако ние станеме подобри христијани и другите околу нас ќе станат подобри.

Исто така, освен воздржувањето од храна и лоши помисли, мисли, зборови и дела, во времето на постот особено е важно покајанието и промената на нашата личност, како и молитвата. Секој верник кој пости треба да се труди да земе што поголемо учество на богослуженијата во храмот, да го исполнува своето духовно молитвено правило и да се исповеда пред својот духовник за да достојно се причести со светите Христови тајни. Оној, кој нема свој духовник, свој би го нарекол матичен свештеник – сега е редно време да си најде и пред него откако ќе ги осознае своите гревови и откако ќе се покае за истите, да ги исповеда и да се советува за сè што е поврзано со духовниот живот и со правилата за постење. Во овој период треба да бидеме и доста внимателни, поради многубројните искушенија, но никогаш да не се откажуваме, а „секогаш да бидеме будни и да се молиме“ (сп. Матеј 26,41).

Драги браќа и сестри,

Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на празникот над празниците – Воскресението Христово (Велигден). Затоа во овие денови, кои се пред нас да се потрудиме да ги смириме страстите и телото, да го концентрираме духот во правење на добри дела, а љубовта кон сите да ни биде главна заповед, бидејќи преку љубовта во човекот се населува самиот Бог, Кој е љубов (1 Јован. 4,8). Затоа да пребиваме во љубовта – за да и Бог пребива во нас. Тоа е и целта на самиот пост. Да се подготвиме себе си за да го примиме Христа Господа. Се надевам дека постот ќе ни помогне во тоа и дека наредните денови и на празникот Велигден во нас ќе сјае Христовата светлина, која го просветлува светот, сега и секогаш и во сите векови! Амин!

Нека е за многу години овој ден! И, денес не заборавајте ги зборовите: Простете! И простено нека Ви е и од мене и од Бога!

Лесни и богоугодни пости!