Маченичката од Рим

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

                                                      Маченичката од Рим [1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

            „Јас никогаш нема да се откажам од Христос, мојот Бог”

         (од житието на преп. мч-чка Параскева Римска)

Драги браќа и сестри,

Денес согласно црковниот календар на нашата Православна црква се собравме во овој храм литургиски да го одбележиме блажениот спомен на од нас секогаш торжествено прославуваната мајка, преподобната маченичка Параскева Римјанка, чиј празник е познат помеѓу верниот народ и како летна света Петка. Помеѓу мноштвото на светителките, кои маченички пострадале за Христа Бога во ранохристијанскиот период, односно во вековите кога христијанството и христијаните биле гонети, со името Параскева особено се прославени три светителки. Така освен споменот на денешната светителка Параскева Римјанка, ние ги прославуваме и спомените на света Параскева Епиватска во месец октомври и на светата Параскева Икониска во месец ноември според нашиот календар. Сите три светителки се прекрасни помошнички за сите кои со молитва им се обраќаат за помош и застапништво.

Ете, и ние денес, благодарејќи Му на Бог – Пресвета Троица, си спомнуваме и за Божјата угодничка Параскева, прославената маченичка од Рим, од престолнината на познатото Римско царство, која целиот свој живот го посветила на Христос и на Божјата црква на која верно ѝ служела до крајот на својот маченички живот на земјата. Од нејзиното житие дознаваме дека света Петка била рожба измолена од Бога и воспитана во христијански дух. По смртта на своите родители, водена од Христовите зборови: „Продај сѐ што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш ризница на небото; потоа дојди и врви по Мене“ (Лука 18,22) го продала целокупниот имот и се замонашила и започнала да го проповеда христијанството. Иако било време  кога владееле страшни гонења, таа не се плашела и постојано ја проповедала спасоносната вера, приведувајќи мноштво народ во христијанската вера, по примерот на апостолот Павле: „никому никаков повод не давајќи му, за да се напаѓа нашата служба, туку во сè се препорачуваме за служители Божји“, имајќи големо трпение, во неволи, во нужди, во тескоби, при рани, во темници, во скитања, во напори, во бденија, во пости, со чистота, со знаење, со долготрпеливост, со добрина, со Духот Свети, со нелицемерна љубов, со проповед на вистината, со сила Божја, со оружјето на правдата во десна и во лева рака“ (2 Кор. 6, 3-7) секогаш и секаде проповедајќи го Словото Божјо и прогонувајќи го мракот на прелеста световна.

Заради нејзината голема ревност, света Петка храбро претрпела и големи измачувања најнапред од страна на императорот Антониј Пиј, пред кого без ни најмалку страв јавно изјавила: „Јас никогаш нема да се откажам од Христос, мојот Бог” и навистина таа и покрај сите маченија кои ги доживеала и потоа за време на нејзината проповед надвор од Рим пред кнезовите Асклипиј и Тарасиј никогаш не се откажала од Христа Бога, поради што ѝ била отсечена главата со меч околу 140 година и на тој начин се припоила кон хорот на мачениците, кои непрестајно го слават нашиот Троичен Бог. По нејзината смрт биле забележани бројни чуда и исцеленија, кои се случуваат до денес по нејзините молитви и застапништва на оние кои со чиста вера и надеж и пристапуваат за помош.

Почитувани,

Живеејќи во времиња на парадокси и последователни морални ерозии на интегритетот на човековата личност, кои го помрачуваат вистинското и правилното расудување и однесување на човекот, особено е значаен споменот на света Петка, поради нејзиниот идеален христијански и свет живот. Во ликот и делото на преподобномаченичката го имаме вистинскиот образец за тоа како треба да изгледа животот на христијанинот, на секој еден крстен човек. Од неа можеме да се научиме на кротост, смирение, трпение, смирение, храброст, љубов кон секој човек и на секоја друга морална вредност, која ни е потребна за да го сочуваме светот, себеси и другиот. Доаѓа време кога секој од нас, но и целокупното човештво ќе мора да каже стоп на гревот и неверието, на конзумеризмот и уништувањето на животната средина, односно на нехристијанскиот однос кон другиот човек и кон светот, кој се јавува како резултат на отстапништвото од верата, од црквата и од Бога, односно поради човековиот негативен и ненормален однос кон Бога Создателот. Поточно станува збор за безверие и откажување од Бога. Кога човекот со своите погрешни постапки и дела значително ќе се оддалечи од Бога – тој започнува духовно да умира и наместо да се богоуподобува во лоното на Црквата тој постепено започнува да се обесветува во прегратките на светот и световното и на тој начин почнува да ја губи потполно смислата и целта на своето постоење на земјата. Загубен во световните лавиринти – човекот без Бога во своето срце прави дела спротивни на Божјите закони, па поради тие дела и покрај развојот на науката и технологијата, и покрај модерните закони за управувањето, за работата и хигиената, сите ние сме сведоци дека епидемиите не престануваат, дека од глад умираат стотици илјади луѓе, потоа сведоци сме и на разни нови болести, загадувања, експлозии, војни, постојани поплави и земјотреси, кои му предизвикуваат неволји и искушенија на современиот човек, кој нажалост несвесно и без тронка совест тоне заробен во прегратките на гордоста, на своето его, а незадоволувајќи се од она што го има во својот живот, пак живее во постојана депресија и еден вид на очај за подобро утре, заборавајќи дека тоа ќе биде подобро доколку секој од нас стане подобар човек и никако поинаку. За таа наша лична промена, деновие прочитав една прекрасна мисла напишана од една новоупокоена писателка. Нејзината порака гласи: „Нашиот привремен престој на оваа планета е шанса да се промениме пред сѐ самите себе, бидејќи ако ние не го направиме тој чекор, никој нас нема да ни помогне. Она што е највеличенствено во целото наше битисување додека сме живи, додека дишеме – е тоа дека можеме да се покаеме, промениме, да научиме да сакаме и да опростуваме“. И навистина ако длабоко го проанализираме човештвото и светот во кој живееме и го споредиме со светот во кој живееле првите христијани – ќе сфатиме колку ни е потребна промена. Ние денес во потполна слобода тежнееме кон безверие, а христијаните во првите векови, иако животот им бил под закана, сепак не се откажале од Христа нашиот Спасител и јавно тоа го посведочувале. Свежи ни се зборовите: „Јас никогаш нема да се откажам од Христос, мојот Бог” искажани од денешната светителка. Колку само љубов има во тоа сведоштво! Да се потрудиме и ние како неа со нашите мисли, постапки, зборови, помисли и дела никогаш да не се откажеме од Христос Бог, туку да Го следиме Него и Неговото слово за да станеме подобри личности и за да поживееме достојно и спасоносно на земјата.

Возљубени,

            Имајќи ја преподобната мајка, страдалницата Параскева за наша молитвена закрилничка пред Бога и како прекрасен Божји дар за нас, даден како постојан пример за следење, уште од денес сите ние заедно, поучувајќи се од неа, од нејзиниот светол живот да започнеме да правиме промени во сопствените животи, зачекорувајќи силно по Божјиот пат, по патот кон Царството небесно. А како ќе знаеме дека сме се промениле и дека сме стигнале барем до некаде на патот кон усовршувањето? – Тогаш кога нашата љубов ќе биде поголема од нашиот страв, кога нема да осудуваме, кога нема да има завист во нашите срца, кога ќе бидеме среќни со тоа што го имаме, кога редовно ќе го посетуваме Божјиот храм, кога ќе имаме разбирање и кога ќе му подадеме рака на другиот, кога ќе се покаеме и заплачеме за нашите гревови и прегрешенија, кога ќе Го исповедаме и примаме Христос нашиот Спасител преку Светата тајна причест, кога како светата Петка, чиј спомен денес ѝ го празнуваме ќе се потрудиме низ целиот свој живот да Му служиме на Бога – е само тогаш сме се промениле. Ако сето тоа вистински го правиме ние несомнено ќе се здобиеме со добродетелни карактеристики, со кои значително ќе ја осветиме нашата душа, која ќе тежнее кон она што е вистински добро, кон Бога и кон светото. За таа наша промена што побргу да се случи да побараме помош од светата Петка, која ја заслужила милоста пред Бога да може да се моли за сите нас. Нека по нејзините свети молитви, Бог нè просветли и помилува и спаси како благ и човекољубец, постојано сега и секогаш и во сите векови! Амин.

            На сите оние го чествуваат  спомен на светата Парскева како домашна слава и го носат нејзиното име нека им е честит овој празник! Нека е за многу години.


 

 


 

 

 

[1]Беседа на Литургијата во храмот „Пресвета Богородица“ Гостивар, на 08. 08. 2020 – Преподобна маченичка Параскева (Петка) Римјанска; свети свештеномаченик Ермолај и преподобен Мојсеј Угрин.