На Твојата тајна вечера

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

На Твојата тајна вечера[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Правете го ова за Мој спомен!

(1 Кор. 11,24)

Драги браќа и сестри,

            Да Му благодариме на Бога, Кој со својата голема милост, повторно и пак нѐ удостои да го дочекаме овој Голем (Велики) и Свет Четврток од Страсната седмица, во кој Светата Црква устроила сите ние заедно, свештенството и верниот народ да си споменеме за дел од настаните, кои се случиле во последните денови од Христовиот живот на земјата. Секој ден од Страдалната недела, која е во тек е посветен на определена тема. Денес на Велики Четврток, ние православните христијани си спомнуваме и се потсетуваме на следниве настани: на Свештеното миење на нозете на апостолите од страна на Господа Исуса Христа, на Христовата поука за смирението и братољубието, на Тајната вечера, на Прошталната беседа, потоа на Првосвештеничката молитва во Елеонската гора, како и на Јудиното предавство, Петровото одрекување и на почетокот на Христовите доброволни страданија, кои ги претрпил за да нѐ избави од ропството на гревот и смртта.

Почитувани верници,

Овие денови чекорејќи со Христа и постепено секојдневно искачувајќи се со Него на патот кон Голгота, потребно е од сите овие Господови настани за кои денес си спомнуваме да извлечеме поука и да се поучиме од Христа Бога, Кој со Својот пример ни покажал како треба да постапуваме и како треба да живееме. Со свештеното миење на нозете на своите ученици, Тој ни покажал како треба да биде нашето служење кон верните во Црквата, а тоа треба да биде како Неговото и според Неговите зборови: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да го даде животот Свој за откуп на мнозина“ (Матеј 20,28). Нека биде такво и нашето служење. Потоа Христовата поука за смирението и братољубието, односно Христовите зборови: „поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот, и тој, што е старешина, да биде како слуга“ (Лука 22,26) нека бидат и наша поука и нека нѐ потсетуваа дека секој од нас треба да служи смирено, трпеливо и со љубов. Така да ја принесуваме и Светата тајна Евхаристија (Причест), која Господ ја востановил токму на Светата тајна вечера и како што слушнавме од денешното  евангелско и апостолско четиво - ни ја оставил да ја извршуваме, односно да ја „правиме во Негов спомен“ (сп.1. Кор. 11,24 и 25). И ние со внимание таа Тајна над тајните ја извршуваме  на секоја Света Литургија, бидејќи Литургијата постои за да се причестиме, а причестувањето е смислата на Литургијата. Затоа во овие литургиски мигови, да Му се заблагодариме на Бога што иако се наоѓаме во вонредни околности, сепак и во денешниот ден Он не нѐ оставил и за време на оваа Литургија нема да не лиши од заедничарење нас, кои му пееме: „На твојата тајна вечера денес, Сине Божји примиме за учесник, зашто нема да ја откријам тајната на Твоите непријатели, ниту целив ќе Ти дадам како Јуда, но како разбојникот Те исповедам: Спомни си за мене, Господи, во Царството Твое“. Наоѓајќи се и ние денес на Тајната вечера во овој храм и молејќи се на Бога потребно е да се запрашаме дали сме подготвени достојно да Го примиме Христа и дали веруваме во светоста на тајната Причест? – Дали и ние често се одрекуваме од Него и Го напуштаме при секое искушение како апостолот Петар и дали одиме до таа мера да Го предадеме како Јуда? – Дали ја прифаќаме Божјата волја и дали често се противиме на Божјата промисла, која несомнено нѐ води на пат на спасението? – Во овој период имаме доста време да размислуваме за овие прашања и да ги преиспитаме сите наши постапки и ако со своите дела, мисли и помисли сме се огрешиле денес е денот кога треба да се покаеме за сето тоа и кога со очистено срце треба доброволно и цврсто да зачекориме со Христа, да го примиме Неговото чесно Тело и Неговата чесна Крв и на тој начин дочекувајќи Го Неговото воскресение да совоскреснеме и ние со Христа, Кој денес доброволно оди да пострада за сите нас.

Возљубени,

            Ете, оваа година по Божјо допуштение, поради вонредната состојба предизвикана од коронавирусот, кој е присутен во скоро целиот свет, сите ние заради посочените мерки за претпазливост и заштита дадени од страна на надлежните институции, сме соочени со еден голем предизвик Велигденските чествувања и богослужбите, првенственото Светата Литургија, која ја извршуваме во спомен на Христа – да ги извршуваме согласно дадените правилата и прописи, на тој начин што во храмовите поради полицискиот час и насоките – физички ќе бидат отсутни нашите верници, кои  верувам и сум убеден дека сите тие од своите домови, од своите втори цркви духовно ќе бидат со нас преку своите молитвите. Ја користам оваа прилика, денес на Велики Четврток до сите верници да упатам апел смирено и трпеливо, како што Христос Бог денес се упатува на Голгота, така и тие со смирение да ја почитуваат првенствено Божјата волја, потоа соборната одлука на Светиот синод, како и одлуките и препораките на надлежните институции и со послушност да ги избегнат непосакуваните искушенија, кои би несвојствени во никој случај на вистинското христијанското поведение. Ве замолувам во ова тешко време разумот да надвладее над нашите желби, да бидеме разумни, да пазиме едни на други и служејќи едни на други да не дозволиме овие денови да создаваме немири и раздори во црквата – за да достојно го одбележиме престојниот светол празник. Она што е потребно е сите ние да направиме една лична жртва, бидејќи само на тој начин, жртвувајќи ја својата волја – нашата жртва и нашиот пат ќе заличат на Христовата спасителна жртва во која сите сме повикани да земеме учество. Затоа почнувајќи од овој миг, па понатаму да се потрудиме да не го отежнуваме ниту своето бреме, ниту пак на другите, и онака  тешкото бреме за носење, кое новонастанатата ситуација го стави на нашите плеќи. Не треба никого да осудуваме за оваа вонредна ситуација, која е дадена само за да се заштити нашето здравје, ниту пак треба да внесуваме дополнителни соблазни, бидејќи како што се вели во евангелието „тешко на оној, преку кого доаѓаат“ (Лука 17,1). Сите оние, кои мислат дека со немир и непослушност „на Бога ќе Му принесат служба“ (сп. Јован 16,2) се лажат самите себе. Нашиот Бог е „Бог на мирот“ (сп. Евр. 13,20), па затоа во овие денови наместо кон бунтовност и негодување – нашите сили да ги насочиме кон молитвата, која има голема и чудотворна сила. Како што Христос се молеше на Својот Отец на Елеонската гора, така и ние да  се помолиме Христос да ја распни и победи оваа смрт и да им даде духовни и телесни сили на сите болни, на оние кои се во првите редови во борбата со оваа болест, на медицинскиот персонал, на чуварите на редот и поредокот, како и на сите други, кои несомнено принесуваат голема жртва, со сите сили борејќи се против вирусот. Христос Бог милостиво нека погледни на нивното служење, додека сите ние, кои Бог нѐ сочувал здрави, од своите домовите да бидеме со Христа и воспевајќи ги неговите доброволни страданија, со зборовите: „Слава на Твоето долготрпение Господи, слава Ти!“, да Го смилостивиме Бог да не направи учесници на Неговата тајна вечера и сега и секогаш и во сите векови. По Твоето неискажливо милосрдие, Христе Боже наш, помилуј нѐ! Амин.

 

[1]Беседа изговорена на Божествената Литургија во манастирската црква „Свети Атанасиј“ с. Лешок – општина Теарце – Тетовско, на 16. 04. 2020 (Велики четврток; свети Никита Исповедник; свети Павле Неволник; светиот маченик Улпијан)