Охридскиот чудотворец

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

                                                    Охридскиот чудотворец[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

            „И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите.“

         (Лука 6,19)

Драги браќа и сестри,

            Да Му благодариме на Бога што нѐ зачува и што нѐ удостои во овој јулски топол ден, и покрај сите искушенија, да се најдеме во овој манастирски храм посветен на Божјиот угодник, на познатото Охридско светило, светиот Наум Охридскиот, чудотворец. Тадиционално секоја година на овој празник служиме Света литургија во овој храм и се молиме на Бога и на светиот Наум за сите православни христијани. Оваа година,  кога целиот свет е погоден од страшната пандемија предизвикана од корона-вирусот, можеби како никогаш до сега треба да се молиме на Бога и на светиот Наум за да не запазат од страшната болест, која нажалост го завладеја светот и нашата земја. Изминатиот период, сите ние се интересиравме за болеста, секојдневно пратиме колку има болни, ги следиме медиумските пресови на надлежните органи, повикуваме и апелираме на внимание и почитување на мерките, но дали при сета таа возбуденост ние наоѓаме време да се помолиме на Бога, Создателот на светот и човекот? – Доколку одговорот е не, овој ден е одлична можност да го направиме тоа, незаборавајќи дека „она што за човекот е невозможно – е возможно за Бога“. Читајќи го денешното евангелско четиво некако природно ми е да поразговараме за болеста и за најголемиот Лечител – Господ Исус Христос, при кого како што чувме од Евангелието, приоѓале голем број на луѓе, кои сакале да се допрат до Него, „зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лука 6,19). Во Библијата имаме и безброј други места, каде што се зборува за лекување на болни лица: слепи, хроми и суви и итн. Од свештената историја, пак дознаваме дека и по застапништво на светителите се случувале разни исцеленија, кои се случуваат исто и до ден денес. Еден таков светител по чии молитви се случуваат исцеленија на болни е и нашиот денешен светител, преподобниот отец Наум, со чиј живот и дело не верувам дека некој од овде присутните не е запознаен. Епитетот чудотворец, кој го добил свети Наум е заради безбројните исцеленија, кои се случиле по неговите молитви кон Бога. Тој и денес се застапува за нас пред Севишниот Бог и тоа го прави секогаш, никогаш не престанувајќи да твори чудеса. Затоа и ние да пристапуваме често на ова свето место и поклонувајќи се на светиот лик на преподобниот чудотворец Наум да се помолиме за нашите ближни и за самите себе, Бог да ни влее животворни сили на надеж за истрајност во верата и животот.

Мили мои,

            По човековиот пад во грев – болестите станаа реалност најпрвин за нашите прародители Адам и Ева, а преку нив и за целокупното човештво до денешен ден. Оваа пандемија не е прва во историјата. Како што споменав, во самото Свето писмо имаме сведоштва за појави на болести кај луѓето. Кога зборуваме за болестите на памет ми доаѓаат зборовите на светиот Василиј Велики, кој за болестите го напишал следново: „Има болести што се од материјална природа, и тука е потребна лекарска вештина; има болести и како казна за грев, и тука е потребно трпење и покајание; има болести што се дадени за трпење, но и за соборување на лукавиот“. Исто така, по Божјо допуштение и секако по Негова промисла се појавуваат болести во нашите животи и тоа заради наше поправање и смирување. Познато е дека поради одредени болести, вклучувајќи ја тука и активната болест, навистина таа не одалечи од брзото темпо на живот и така бидејќи извесен период бевме лишени од световниот метеж и врева - имавме можност да се задлабочиме и да размислуваме за себе си, имавме повеќе време за нашите ближни, кои можеби поради брзото темпо на живот сме ги запоставиле. Во тие карантински денови секој од нас имаше време да се посвети малку повеќе и на другите и на себе си. Но, поуката што треба да ја излечеме и што оваа болест ни ја посочи е дека секој од нас треба да се смири да ги подзапри брзините со кои се движи во животот. Впрочен е потребно за миг да го запреме нашиот натпревар со времето и да најдеме време за себе и за другите околу нас, како и време за да се помолиме на Бога, бидејќи молитвата во овие моменти е нешто најпотребно што можеме да го направиме и за нас, и за нашите блиски  и за оние кои боледуваат од ова зло, кое се надеваме дека набрзо со Божја помош ќе изчезне од светот.

Возљубени,

            Наоѓајќи се во дните на Петровденскиот и апостолскиот пост вистинско време е да се потсетиме и да го исполниме следниот совет на светиот Јован Златоуст: „Ако за време на телесна немоќ (болест) не ја искористиме помошта од постот, а покажеме поголема негрижа, ќе си причиниме најголема штета“. Затоа браќа и сестри, во дните на овој пост по примерот на милостивиот Самарјанин да се потрудиме пред сѐ да го зајакнеме подвигот на љубовта, подвигот на сочуството кон другиот, свртувајќи се лице во лице кон човекот и погледнувајќи се да му пристапиме на секој наш брат и на секоја наша сестра со топлина на љубовта, со добрина, онака како што нѐ научи и нашиот Бог и Господ Исуса Христа, Лекарот на душите и телата кон Кого како што чувме од Евангелието, кое ги содржи сите сите потребни пораки за вечноста пристапувале голем број на болни луѓе, кои проселе исцеление за себе и за своите најблиски. Во овие мигови и ние како жената Хананајка со силна вера да Му пристапиме на Бога и кон светиот Наум за застапништво за сите оние кои страдаат и се мачат што побрзо Семилостивиот Бог да ги подигне од болничкото легло. Но, кон светиот Наум со молитва да пристапуваме и тогаш кога ни е тешко, кога ќе нѐ измачува некое искушение,  и тогаш кога ни е мачно, кога мислиме дека за нас нема надеж, дека е крај, како и тогаш кога сме среќни и радосни да не заборавиме да се заблагодариме на нашиот Бог и на нашите светители за сите прекрасни дарови, кои ни се дадени во животот, не затоа што ние сме заслужиле, тука дека поради Божјото човекољубие ни е дадено. И на крај  не заборавајте дека Бог никогаш нема да нѐ остави. Запомнете Он го очекува само нашето покајание, нашата вера и нашата молитва. Затоа и денес сите заедно да се помолиме Бог по молитвите на светиот Наум да го исцели народот Свој од телесните и духовните немоќи, кои го мачат и да го оживее со Својата благодат, постојано сега и секогаш и во сите векови. Амин!

            За многу години нека е манастирската храмова слава!

 

 

[1]Беседа на Литургијата во манастирскиот храм „Свети Наум Охридски, чудотворец“ на Попова Шапка - Тетовско, на 03. 07. 2020 – Преподобен Наум Охридски чудотворец; свети свештеномаченик Методиј, епископ Патарски и други).