Пет години со Вас

Митрополит Тетовско-гостиварски г. Јосиф 04.11.2018 г.

Пресвета Богородица Гостивар

Пет години со Вас

Заповед нова ви давам, да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив вас. По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици“

(Јован 13,34)

Со неискажлива благодарност Му благодарам на Севишниот Бог и Спасителот наш Исус Христос и на Неговата Пречиста мајка Пресвета Богородица за добрините направени на сите нас, за големата љубов и подарената благодат, која пред точно пет години ја примив, бивајќи интронизиран за прв Митрополит Тетовско – гостиварски на новоформираната Тетовско-гостиварска епархија. Тој момент никогаш нема да го заборавам. Се сеќавам дека тогаш со високо чувство на страхопочит застанав пред црковниот амвонот со погледот насочен кон Вас и кон браќата архијереи, а со молитвите кон светите солунски браќа Кирил и Методиј.

Сега по пет години од тој миг – чувството е прекрасно и благодарствено, а прекрасно е затоа што ете Бог, благоволи овие години да ги поминам со прекрасни луѓе во секој поглед, да бидам „покрај народ, кој љубоморно ја чува и живее верата прадедовска... и покрај народ кој си ја сака верата и Црквата православна“ – со тие зборови тогаш во беседата при востолучувањето Архиепископот г. г. Стефан ми го опиша накратко мојот богомдарован народ, со кого денес повторно сме соборно собрани да го прославиме големиот епархиски јубилеј. Денес пред сите Вас морам уште еднаш да кажам дека секој ден поминат во служба насекаде ширум оваа епархија, покрај вакви верници, дали во Гостивар и Тетово или Брвеница и Маврово, и насекаде, причинува задоволство и претставува чест да се биде Ваш владика и духовен отец. Почитувани верници, морам да Ви кажам едно: БЛАГОДАРАМ за сета љубов и доверба, за сите заеднички служби и молитви упатени кон нашиот Бог. Знам дека и во иднина ќе бидеме заедно и дека заедно ќе се бодриме на патот кон Небесното царство.

Но, од толку добри луѓе не можеле да не произлезат и добрите мои соработници свештениците, со кои заедно уште од самиот почеток започнавме, градејќи меѓусебна доверба, да го враќаме и литургискиот-духовен живот на овие страдални простори, каде секојдневно се потврдува светоотечката мисла „Пролеј ја својата крв и прими дух“ во дело. За сиот Ваш труд и за сета Ваша жртва, која знам дека секојдневно ја давате преку Вашата служба, без која што нашата епархија не би била оваа што е денес, Ви благодарам.

Исто така, ја користам оваа прилика да му се заблагодарам и на Архиепискпопот г. г. Стефан, како и на Митрополитот г. Тимотеј за довербата, но и на останатите членови на Светиот архиерејски синод. И сега се сеќавам на зборовите на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан искажани во беседата при востоличувањето: „ Доаѓаш во предели каде се длабоки и древни христијанските темели… Ќе бидеш архиереј меѓу народ каде што по крстот и по полумесечината се идентификува и препознава секој човек и секоја населба… Чувај го Лешочкиот манастир со неговите стари и нови лузни и светињите во доверената епархија!“ И токму така, голем крст и големо бреме зедов врз мене, но заеднички, покрај сите искушенија и предизвици успеавме да продолжиме оттаму, каде што застанаа нашите претходници, и претходникот, нашиот почитуван и секогаш ценет Митрополит Кирил, и го продолживме и го умноживме неговото дело како добри наследници.

Верувам дека овие пет години направивме доста богоугодни дела. Веднаш го основавме епархиското списание „Огледало“, обновивме доста храмови, но и изградивме и осветивме нови храмови. Ja возобновивме епархиската административна зграда. Извршивме градежни и реставраторски работи на Соборните храмови во Тетово и тука во Гостивар. Се изградија и осветија повеќе манастирски цркви и конаци, но она што е најважно е тоа што успеавме да обезбедиме услови за подобар литургиско – богослужбен живот на народот. Ме радува фактот што народот тоа го препозна брзо, па заеднички, со Божја помош не само што обновивме повеќе храмови, туку така постепено успеавме да го возобновиме и духовниот и литургискиот живот во овие краишта, каде од памтивек, уште од ранохристијанскиот период опстојувала жива Христова црква.

Денес потомци на таа Христова црква сме сите ние заедно тука – како заедница. Како членови на Телото Христово, треба да знаеме дека кога страда еден орган – страда целото тело и дека истото се случува и во заедницата. Но, кога страда еден член на заедницата треба да страда целото тело. Да се научиме да сострадуваме еден со друг. Маките еден со друг да ги споделуваме. Исто и радоста еден со друг да ги делиме. Епархијата денес најголемо внимание посветува токму на тој духовен и социјален аспект од животот на живата црква. Секогаш кога сме имале можност преку хуманитарната мисија сме излегувале во пресрет. И во иднина ќе продолжиме со таа богоугодна мисија.

Како што од самиот почеток со сета моја душа се надевав дека Бог ќе ги услиша нашите молби, така и сега се надевам и знам дека по Неговата волја ќе се проширува нашето стадо. Знајте го следното, драги браќа и сестри: храмовите и епархиските врати постојано се отворени за секој еден од Вас. Заедно сме секогаш посилни и секогаш можеме сложни да направиме повеќе! И запомнете дека човекот секогаш како битие има потреба од друг човек, но најмногу има потреба од Бога Својот Создател. Тоа го сведочиме и денес на оваа Света Литургија, заедничарејќи и сослужувајќи со моите собраќа на нивата Господова, митрополитот Куманоско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент, кои денес благоволија да ја споделат со нас, нашата голема радост по повод 5 годишниот јубилеј од мојата интонизација на новоформираната Тетовско-гостиварска епархија, за што искрено им благодарам.

На крај, мили чеда, не би Ве советувал и не Ви би порачал ништо друго, освен она што Христос им го заповедал на своите ученици: „Заповед нова ви давам, да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив вас. По тоа ќе ве познаат дека сте Мои ученици“ (Јован 13,34).

Да пребиваме во таа христијанска љубов, бидејќи само со неа ќе можеме заеднички да дочекуваме и други поголеми јубилеи и чествувања. Нека е за многу години!

Бог да Ве благослови!