Под Богородичниот омофор 

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Под Богородичниот омофор 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Те величаме Пресвета Дево и го почитуваме Твојот свет Покров!

 (од Величанието на Божјата Мајка)

 

Драги браќа и сестри,

Наоѓајќи се под Богородичниот омофор, и оваа година од овде, од храмот на Нејзиното успение во Лешочкиот манастир, ние ги упатуваме нашите молитви кон Пресвета Богородица, кон нашата најголема застапничка и помошничка. Денес во овој храм дојдовме со една цел да го одбележиме богородичниот празник Покров на Пресвета Богородица и уште еднаш од длабочините на нашата душа да И се заблагодариме на Божјата Мајка за нејзината непрестајна грижа кон човечкиот род и кон сите нас.

Самиот денешен празник ни сведочи и нè потсетува на постојаното Богородично покровителство кон нас луѓето. Поради тоа, христијаните отсекогаш ја чуствувале Пречистата Дева како своја мајка, како своја помошничка, па затоа и често се обраќале со своите молитви кон Неа. Токму на едно сеноќно бдение, во времето на царот Лав Мудри, кога мноштво народ собран во цариградската Богородичната црква во Влахерна ги упатувал своите молитви кон Богородица за заштита на својот град, светиот Андреј Јуродив имал видение. Тој ја здогледал Пресветата, како го покривала народот со својот распространет омофор. Божјата мајка била облечена во порфир и украсена со злато и целата блескала во неискажана светлина, опкружена со апостолите, светителите, мачениците и девиците. Во тој миг, светиот Андреј со рака му покажал на блажениот Епифаниј и го прашал „Ја гледаш ли брату, Царицата и госпоѓата над сите, како се моли за целиот свет?“ – Епифаниј одговорил: „Ја гледам оче, и многу сум изненаден!“. Во чест на оваа собитие, на овој настан, во XII век бил востановен и воведен во црковниот календар денешниот празник Покров на Пресвета Богородица, чие празнување треба да нè потсети нас христијаните дека во сите наши искушенија и неволји треба да се обраќаме со молитва кон Богородица мајка за да ја побараме нејзината помош, нејзиниот покров и спасоносно покровителство.

И денес, ние верните луѓе што светло го чествуваме овој празник, во своите срца го чуствуваме благодатното присуството на Пречистата Дева, Која како и во сите времиња и денес се застапува и Го моли Својот Син, а наш Бог Господа Исуса Христа за сите нас. За сите добра направени врз нас, за Нејзиниот милостив поглед и благодатниот омофор, кој постојано нè закрилува единствено што можеме да направиме е да И благодариме, да ја молиме, да се угледуваме на Неа и да ја почитуваме. Затоа, и ние денес собрани на молитва во овој храм уште еднаш од дното на нашата душа да кажеме: Те величаме Пресвета Дево и го почитуваме Твојот свет Покров, сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Нека е за многу години! Божјата Мајка постојано да нè закрилува со својот омофор!