Ползувајте го времето

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Ползувајте го времето

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„ А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му кладоа име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“ 

(Лука 2,21)

Драги браќа и сестри,

Во денешниот осми ден по големиот празник Рождество Христово – Божиќ  чествуваме три големи празници и тоа: Обрезание на Господ Исус Христос, споменот на светиот Василиј Велики, како и почетокот на Новата година, според јулијанскиот календар. Денес најпрво сите ние треба да му заблагодариме на Бога, за неговата неизмерна милост што благоволи да го дочекаме почетокот на Новото 2020 Лето Господово и можноста да се восхитуваме на убавината на животот и на радоста на денот, како и за можноста да заедничариме на денешното евхаристиско богослужение, сеќавајќи се и празнувајќи ги денешните светли празници.

Денес, како што споменав се сеќаваме на настанот на Обрезанието на родениот Богомладенец, Кој заради нас не само што го облече човечкото тело, туку ете смирено и доброволно, според Законот се обреза и со тоа Он се покажа како целосен исполнител на Законот Божји, за што и Самиот рекол: „Немојте да мислите дека сум дошол да го поништам Законот или Пророците; не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам.“ (Матеј 5,17). За сите оние кои што незнаат, во Стариот завет било востановено обрезание за сите новороденчиња од машки пол во знак на заветот на Бога со патријархот Авраам. Обрезанието како обред на богопосветување се извршувало во осмиот ден по раѓањето, а тогаш се давало и името на младенчето. И нашиот Господ, според старозаветната традиција на осмиот ден по Своето раѓање примил обрезание и притоа Му било дадено името Исус – што според Писмото значи Спасител, бидејќи „Тој ќе ги спаси Своите луѓе од нивните гревови“ (Матеј 1,21). Примајќи обрезание Господ не само што ги исполнил Законот и Пророците, туку и ни дал пример како треба да се почитуваат и пазат Божествените заповеди, но и ни покажал дека Он на Себе примил вистинско човечко тело. Она што е важно да го знаете е дека старозаветното обрезание е предобраз на новозаветното Крштение. Со Христовото доаѓање се исполнил Стариот завет и настапил Новиот завет, па така откако Он го примил обрезанието нам ни подарил нов почеток на благодатниот живот, односно ни го подарил Крштението како света тајна преку која стануваме христијани и влегуваме во тајните на христијанскиот живот.

По Божја промисла, денес си спомнуваме и за еден од најголемите богослови на Црквата, за свети Василиј, архиепископот Кесариски, кој сведочејќи ни со својот живот и дела за длабоките христијански тајни – го добил и епитетот Велики. Живеел во 4 век и бил архиепископ на Кесарија Кападокиска. Сочувани се многубројни дела од овој отец на Црквата. Автор е на Василиевата литургија, која освен на денешниот ден се служи уште 9 пати во годината. Се упокоил мирно на 1 јануари 379 година, кога се пресели во Царството на својот Господ. Со споменот на свети Василиј е поврзано и преданието за „Василопитата“ или во народот познат како лебот со паричка. Имено тоа предание е поврзано со чудесниот настан, кој се случил на Нова година во Кесарија. Свети Василиј, знаејќи ја злобата и алчноста на тогашниот нечесен цар Јулијан собрал од народот накит и златници сè со цел на враќање од битката истите да му ги предаде на царот за да не го запали градот. Но се случило чудо и Јулијан бил убиен. Бидејќи немало потреба од златото свети Василиј решил истото да го врати на народот. Незнаејќи што на кого му припаѓа, просветлен од Бога,  тој им наредил на готвачите да направат мали лебови во кои ставале од златото. Тие лебови биле поделени на верниците во црквата токму на Нова година и секој во лебот си го нашол сопственото злато. Во спомен на тој настан до ден денес се практикува да се меси лепче со паричка, а оној, кој ќе ја најде паричката го добива благословот на свети Василиј Велики за престојната година.

Почитувани,

Наоѓајќи се на самиот праг на Новата година, на новиот календарски почеток сосема природно е да кажеме нешто за тајната на времето, но и за човековиот живот, кој се случува во времето, како и да се потсетиме за целта на нашиот живот. Времето е создадено од вечниот Бог и тоа е минлива категорија. Миговите, часовите, деновите, месеците и годините ни се од Бога дадени со една и единствена цел - да се спасуваме себеси и времето да го преточиме и преобрзиме во вечност и на тој начин и ние да ја здобиеме вечноста. Ние сме повикани да го овечниме севкупното време и поради тоа одговорноста на човекот за времето е голема. Затоа треба значително да внимаваме како го поминуваме и трошиме  времето во нашиот живот, бидејќи „она што го правиме во животот, прави ехо во вечноста“. Но времето брзо поминува. Во Светото Писмо читаме дека треба да внимаваме, да сме словесни и будни постојано не само заради тоа што „дните се лукави“, туку и затоа што „дните на човекот се како трева; како полски цвет“ (Псалм 102,15). 

Поради брзата минливост на времето, нас како христијани треба да ни е значаен секој миг. Затоа навремено да го планираме нашето време и правилно и разумно да го ползуваме. Ете почетокот на оваа година е време благопријатно, кога треба да размислуваме како ќе ги поминеме следните денови од годината. Деновиве размислувајќи за тајната на времето и тајната на човековиот живот, прочитав една интересна поука од светиот Игнатиј Брјанчанинов. Тој нè поучува дека: „Земниот живот е пат кон вечноста, кој треба да се искористи, но на кој не треба да се погледне накосо. Овој пат, вели тој -  треба да се изоди преку умот и срцето - а не преку бројот на деновите и годините“. Овие зборови ги потврдува и големиот писател Ф. М. Достоевски, кој пишува дека „тајната на животот на човекот не е само да живее, туку и во тоа зошто живее“. Затоа тајната на времето е неразделно поврзана со животната тајна на човекот. Времето ни е дадено да го осмислиме нашиот живот и за да во него ја оствариме целта на нашата егзистенција овде на земјата. Многумина можеби се запрашуваат која е целта на нашиот живот на земјата? – Несомнено како христијани и разумни битија создадени според образот Божји, целта на нашиот живот е да се богоуподобиме, да го оствариме она што ни е зададено – нашето подобие кон Бога, да станеме „богови по благодат“. Нашиот живот, едноставно треба да е пат кон вечноста, а тој пат треба да се изоди во ова наше животно време дадено токму за таа цел.

Драги христијани,

Светиот Василиј Велики, чиј спомен денес го празнуваме за нашиот животен пат го кажал следното: „Пат се нарекува животот; секој од родените брза по патот; ти си патник во животот; секој поминува покрај тебе; сè остава зад тебе. Ти гледаш во тој пат: растенија, животни, вода, суша, луѓе и што ли не достојно за окото – ќе му се порадуваш и одминуваш. Понатаму, сретнуваш камења, пропасти, трња, скали, ѕверови и што ли уште не непријатно – ќе потажиш за тоа и го продолжуваш патот. Тоа е животот – тој нема задоволства постојани; ниту, пак, болки бескрајни. Тој пат не е твоја сопственост – ниту, пак, сегашноста е твоја. Два се пата на животот – широк и славен, тесен и тажен: при едниот патеводител е демон, при другиот – ангел. По едниот се движат: плот, смеа, пијанство, игри, музики, блудство – по другиот: покајание, пост, солзи, молитви, воздишки, девство! Животот на грешниците е збир од сите наслади на сегашноста – тој, пак, на праведниците е надеж за благата во вечното. Блажен е оној, кој не врви по широкиот пат и не се раководи од ѓаволот“. Прекрасни поучни зборови! Како верници овие зборови треба да ги имаме постојано во нашите глави. Најважно за нас е да врвиме по Христовиот пат, по патот исполнет со покајние, молитви, пост..., кој секогаш поминува преку Црквата. И само патот кој поминува низ Црквата е вистинскиот пат на кој треба секој од нас да продолжи да опстојува и да патува. Да го искористиме времето од оваа Нова календарска година и на секоја наредна за наше духовно патување и за преумножување на верата, надежта и љубовта. Пребивајќи во храмот Божји да пребиваме во Бога и да се трудиме на патот кон спасението. Секогаш да ги „обрезуваме“ нашите лоши помисли, навики, мисли и дела и истите да ги преобразуваме во добри за да се покажеме како вистински христијани, кои живеејќи суштински и вистински во верата ќе успееме да влеземе во невремените димензии на литургиското време, во Царството Божјо. 

На крај апелирам во овој празничен ден како само еден мал дел од времето, дадено за наше спасение, како и преку целата година да не дозволуваме формалното да го ставаме над суштинското во верата. Најзначаен да ни биде духовниот живот, молитвата и литургијата, покајанието и исповедта, Светата причест, добрите дела, а потоа празничните трпези. И да запаметиме: Средбата со Христос Бог се случува на Светата Литургија, кога се причестуваме со Неговото Тело и Неговата Крв. И само таа средба, само тоа заедничарење ни ја носи вистинската среќа, бидејќи само таа радост не може ништо и никоја паричка да ни ја донесе. Затоа како што нè советува апостолот Павле „ да гледаме, колку внимателно треба да постапуваме: не како неразумни, туку како мудри; да го ползуваме времето, зашто дните се лукави“ (сп. Еф. 5, 15-16); и уште: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите“ (Гал. 6, 10), сега и секогаш и во сите векови. Амин!

Нека се за многу години дененешните празници. На сите оние кои ја празнуваат Василица – честита славата, а на оние кои го носат името на свети Василиј нека им е честит именденот. Среќно и благословено Новото Лето Господово.