Пресвета Богородице спаси нѐ 

г. Јосиф, митрополит Тетовско - гостиварски

Пресвета Богородице спаси нѐ 

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Храбра наша Војвотко победоносна, 

ние, слугите Твои од зло избавени, 

песни пофални Ти воспеваме... 

Драги браќа и сестри,

Од свештената историја на нашата Црква знаеме за големото застапништво низ вековите дадено на сиот човечки род од страна на Пресвета Богородица. Овие денови пребивајќи во Лешочката манастирска обител, каде постојано е присутна благодатта на Храбрата наша Војвотка, како што се нарекува во акатистот Пресвета Богородица, секојдневно и ние сме сведоци на нејзиното застапување пред Нејзиниот Син, а наш Бог Господа Исуса Христа за нас христијаните. Нејзиното застапништво за нас никогаш не престанало и никогаш нема ни да престани. Таа е нашата грижлива Мајка, која постојано бдее над сите нас. Многубројни и неизброиви се чудата што се случиле по нејзиното застапништво како во минатото, така и во денешницата. Секојдневно ширум Православието во светот се случуваат чуда, благодарение на  неискажливата љубов на Богородица кон сите нас. 

Токму во чест на едно чудо што се случило во Цариград во 627 година, кога при нападите од Аварите и Персијците на чудесен начин градот бил спасен, благодарение на  покровителството на Пресветата, тамошните христијани во знак на неискажлива благодарност кон Преблагословената создале посебна служба наречена Акатист, кој согласно богослужбената традиција и типикот на Светата црква, го служиме во текот на овој Чесен и Велик пост, поточно во првите пет петоци. Акатистот со наједноставни зборови кажано е благодарствена химна. Составен е од 12 кондаци и 12 икоси, кои се пофалбени песни со кои ѝ оддаваме чест и со кои и ние ја величаме Богородица, како и христијаните од Цариград, сеќавајќи се и спомнувајќи си за сите Богородични добрините направени кон нас. Името пак „акатист“ доаѓа од грчкиот збор –„Ακαθιστος“ што во превод на наш македонски јазик значи: да се стои на нозе, па можеме слободно да заклучиме дека акатистот е служба, која се служи во знак на благодарност со посебно внимание од страна на верните, односно со стоење во исправена положба – простум. 

Почитувани верници,

Во овој благословен период на постот, кога целиот свет, регионот вклучително и нашата држава и сите ние сме соочени и изложени на големото искушение предизвикано поради проблемот со појавата на пандемија од корона вирусот (Covid-19 – 2019 nCov /  SARS-CoV-2)  неизмерно е потребно не само во храмот, туку и од нашите домови, читајќи го акатистот што почесто да се обраќаме за помош кон нашата заштитничка, војвотка и помошничка, кон Мајката Божја за да ни помогне и нам и на целиот свет во надминувањето на овој вирус, и за да го спаси светот од оваа неволја, како што некогаш го сочува Цариград од раката на незнабошците. Затоа, да ги следиме и ние стапките на христијаните од Цариград  и да го засилиме постот, нашето покајание и секако нашите молитви во овие тешки денови на искушенија, бидејќи друго решение и немаме. Со молитва од нашите домови да и се обратиме на Пресвета Богородица, за да преку нејзиното застапништво и молитва кон Господа Исуса Христа, испросиме помош, побрзо оздравување на заболените и воопшто телесно и духовно здравје на сиот народ.

Возљубени наши духовни чеда,

Молејќи се за сите вас во оваа приквечерина, ја користам оваа прилика како надлежен епархиски архиереј од ова свето место, од местото каде вечно пребива благословот на Богомајката, во овие исклучителни моменти кога во нашата земја е прогласена вонредна состојба да им испратам на сите мои духовни чеда и на сите верници во Тетовско-гостиварската епархија – благослов за преуспевање и зборови за утеха, посакувајќи ви на сите духовен мир во престојните денови. Мили мои, нема подобри зборови за утеха од зборовите на Христос Бог, Лекарот на нашите души и тела. Затоа да ги имаме во нашите мисли Неговите зборови: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам; Јас ви го давам не како што го дава светот. Да не се плаши срцето ваше, ниту да се бои“ (Јован 14,27). Како православни христијани и верници во овие мигови потребно е сета наша надеж да ја положиме во Бога и во Неговата промисла за нас и да Му благодариме за сѐ! Искушенија имало и ќе има – исто и болести. Да не паничиме, да не се плашиме, но да веруваме, да се смируваме пред  Божјата волја, да се молиме и да се однесуваме одговорно и согласно со мерките и наредбите дадени од Светската задравствена организација, нашите Владини институции, како и од САС на МПЦ-ОА, бидејќи  преку послушноста во овие мигови ја сведочиме верата. 

При создавањето на светот, Севишниот Бог, Создателот на „небото и земјата“ (сп. Битие 1,1) како круна на сето создание го создал човекот, според „образот Божји“ (Битие 1,27) и подобието, вдахнувајќи му разумна душа за да може да мисли и да расудува за да може да го спознава „доброто и злото“ (Битие 2, 9). Поради тоа, како христијани во овие мигови треба да покажеме разумност и послушание кон препораките на надлежните институции и истите да ги почитуваме. Добар христијанин е пред сѐ одговорен христијанин. Затоа да покажеме одговорност и за нас и за другите. Грижејќи се за здравјето на нашето тело, „кое е храм на Светиот Дух“ (1 Кор. 6, 19 и сп. 3,16), да ги намалиме контактите со средината околу нас и на тој начин да ја покажеме на дело и грижата и љубовта кон другиот, бидејќи невозможно е да Го љубиме Бога, ако не го љубиме и ближниот (сп. 1 Јован 4,20). Апостолот на народите Павле вели: „А сега остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта (1. Кор. 13,13). Љубовта кон Бог и љубовта и грижата кон луѓето овие дни да ни е на прво место. Исто така и грижата кон нашиот живот. Ако веруваме дека животот ни е најголем дар од Бога тогаш да се потрудиме истиот и да го сочуваме. Во таа насока потребно е да бидеме разумни како мудрите девојки од Евангелието и трезвено да се трудиме да живееме христијански живот, без со нашата слаба вера и со нашето неодговорно однесување да Го „искушуваме Господа Бога“ и да ги соблазнуваме нашите браќа и сестри во Христа. Пожелно е во овие мигови да се запрашаме самите себеси? – Што ќе направеше Христос да беше на моето место? – Христос, браќа и сестри, од љубов го положи Својот живот за нас, па Неговото однесување и пример нека бидат критериум како треба и ние да се однесуваме. Од нас не се бара да го положиме животот, туку да бидеме внимателни и препазливи.

Ние христијаните не само во овие денови, туку и преку целиот свој живот треба да сме свесни и да живееме светоотечки, свесни дека секој ден можеби ни е последен, по принципот и зборовите на светите отци: „живеј го секој ден како да ти е последен ден, а работи како да имаш уште сто години за живеење“. Без роптање да го носиме својот крст и воедно да ги „поднесуваме ги тешкотиите еден на друг, исполнувајќи го така законот Христов (види: Гал. 6,3). Почитувајќи ги сите препораки да не заборавиме дека нашето спасение е во Бога и дека Он е нашиот Избавител. Па во ова невреме, повлечени во своите домови и грижејќи се за себе си и за ближните првенствено да го зголемиме нашето молитвеното духовно правило, нашите молитви кон Бога – Лекарот на душите и телата. Секој дом е домашна црква, а срцето да ни биде место – храм во кој ќе пребива Бога. Силата на молитвата многу помага во овие мигови. Од свештената историја, од Светото предание на Црквата, како и од Светото Писмо знаеме дека: „Молитвата со вера ќе го исцели болниот, и Господ ќего крене; и гревови, ако направил, ќе му се простат“ (Јаков 5,15). Да се молиме на Бога за нас, за нашите ближни и за сите луѓе. Особено во нашите молитви и сеќавања да ги имаме оние, кои се заразени од вирусот и кои страдаат. За нив треба да покажеме и сострадална грижа доколку е потребна. Да се молиме и за медицинските лица, кои прават сѐ да се победи борбата со вирусот. Во нашите молитви да ги имаме и упокоените, молејќи се Господ Бог да ги насели во рајските населби, како и да ги утеши нивните ближни. Наоѓајќи сѐ во дните на постот, освен молитвата потребно е да го засилиме постот и покајанието и секако добродетелите и нашата вера во Воскреснатиот Христос, победителот на гревот и смртта, надевајќи се во Неговата милостива промисла, и никогаш не заборавајќи дека „Она што за луѓето е невозможно, можно е за Бога“. (види: Лука 18,27). Да се оставиме во Божји раце.

Драги браќа и сестри,

Имајте ги во послушание моите зборови, во овој трет петок од Големиот пост и во престојните денови „да побрзаме пред Богородица и да паднеме пред неа во покајание, извикувајќи и од длабочината на душата“: „Радувај се, на телото мое исцеление и на душата моја спасение“. Секогаш кога Ви е тешко, кога сте во паника или страв, вашите мисли и молитви и грижи да ѝ ги откриете на Онаа, Која има сила непобедлива за да преку своето застапнитво пред Нејзиниот Син и наш Бог, Исуса Христа нѐ сочуваа и нѐ запази чисти и неосквернети од искушенијата и болестите, та со радост го дочекаме празникот над сите празници Воскресението Христово, сега и секогаш и во вечни векови. Амин!

Пресвета Богородица, спаси нѐ!