Проповедникот на Благодатта

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски Лешок 24.03.2019 г.

Проповедникот на Благодатта[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!                                         

Зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е...

(Ефес 2,8)

Драги браќа и сестри,

          Секоја од неделите во текот на Велигденскиот пост е посветена на определен настан или личност и секоја си има свое историско, но секако и духовно значење, кое е од голема полза за нас христијаните. На неделните литургиски богослуженија во овој период си спомнуваме за учењето на православната вера, како и за животот на Христијанската црква. И ако подлабоко ги анализираме овие недели ќе сфатиме дека тие се поврзани и се надоврзуваат една врз друга, сочинувајќи една целина, која во минатото била определена за воведување на оние кои се подготвувале да го примат Светото крштение за време на празникот над празниците - Велигден. Но, овие денови и денес претставуваат подготовка за сите ние се оспособиме да живееме свет живот, за да се удостоиме да го дочекаме Христовото воскресение и ние да воскреснеме од смрт во живот. Во таа насока, во изминатата прва недела посветена на неделата на Православието си спомнувавме за победата на православната вера и за нејзината важност во животот на христијаните, а во оваа втора недела посветена на светиот Григориј Палама, која  на еден начин се надоврзува на првата - ни дава до знаење дека покрај верата,  на секој од нас ни е потребен и аскетскиот подвиг и труд за здобивање на Божјата благодат на патот кон спасението.

          Неслучајно, во овој пролетен ден се наоѓаме во овој манастир, овде во храмот посветен на светиот Атанасиј Велики во Лешок. Тој темелен познавач на Христовата наука, меѓу бројните напишани дела, ја напишал и следната реченица: „Бог стана човек – за човекот да стане бог – по благодат“. Со само неколку зборови успеал да ја долови целта на христијанскиот живот, а таа е човекот да се обожи и да стане Бог по благодат и тоа преку Божјата благодат, која е дар Божји. Во текот на времето, поточно во 14 век се јавиле разни полемики во Црквата за прашања поврзани токму околу Божјата благодат. Наспроти православното учење за Божјата благодат, која е нетварна, невештествена и несоздадена енергија Божја се појавиле некои богослови, кои започнале да шират лажни  учења – ереси  дека Божјата благодат, односно Божјите сили и енергии се создадена твар. Тие неразумни и погрешни тврдења биле побиени благодарение на светиот Григориј Палама, синот и проповедникот на божествената незаодна светлина. Тој по примерот на светиот Атанасиј  успешно ја одбранил православната вера. Нивните животи се многу слични, бидејќи тие се свети животи исполнети со Божјата благодат. Свети Атанасиј и останатите отци ги удриле темелите на учењето дека човекот може да се обожи преку Божјата благодат, а пак светиот Григориј Палама е оној, кој успеал тоа учење да го сочува чисто. Токму поради неговата одбрана на Православието од еретичките напади и утврдувањето на богооткриената вистина, оваа недела му се посветува нему како втора победа на Православието.

          Покрај историскиот аспект, оваа недела е содржи и богат духовен аспект, кој не смее да го занемариме. Не смее никако да го заборавиме дека светиот Григориј Палама е тајноводник во една за нас толку спасителна и возвишена вистина: дека живиот Бог е достапен на нашето лично искуство, бидејќи Синот Божји ја зеде нашата природа и стана Син Човечки за да ги направи луѓето синови Божји, созерцатели на нетварната божествена светлина и учесници во божествената бесмртност. Таа спасителна вистина, браќа и сестри, треба да биде наш секојдневен копнеж. Секој од нас во целокупниот свој живот треба да се потруди да ја достигне целта на христијанскиот живот. А целта е како што спомнав да се обожиме и да станеме богови по благодат. Тоа значи да се уподобиме на својот Создател – Бог. Таа е наша обврска.

За да ја исполниме нашата најголема и најзначајна обврска во овој живот потребно е секојдневно да ја примаме Божјата благодат, која доаѓа од Светиот Дух – Господ. Без Божјата благодат ние не можеме да направиме ништо. Преку благодатта Божја ние се ослободуваме од гревовите и Го гледаме Бога. Но како ја здобиваме благодатта Божја? – Треба да знаеме дека благодатта ја здобиваме пред сѐ преку Божјата неискажлива милост и човекољубие. Но за да ја примиме благодатта потребна секако најнапред ни е вера, а потоа и добри дела. Покрај верата и добрите дела ни е потребен и акетски живот исполнет со пост и молитва, кои ќе ни овозможат да постанеме заедничари на нестворената светлина на  Божјата слава. Блаженоупокоениот светогорски старец Георгиј (Капсанис) во своето слово „За благодатта Божја“, зборувајќи за начините за примање на благодатта ја употребил светоотечката максима „Дај крв за да примиш дух“. И сето искуство на Црквата ни сведочи дека без аскетски подвиг и без труд не може да  ја примиме Божјата благодат. Човекот мора да се покае и исповеда, да се смири и да пости, да живее во Црквата и според Црквата, да се моли за да Го прими Духот на вистината. Всушност од секој од нас се бара нашата слободна волја да ја употребиме и да направиме слободен чекор кон Божјата прегратка отворена за секој еден од нас, кој се труди да стигне до неа, остранувајќи ги своите гревови и страсти и на тој начин правејќи простор за восприемање на Божјата благодат.

          Ете, овој пост е вистинско време да ги направиме тие чекори. Во нашата борба против гревот ние не сме сами. Бог е секогаш со нас. Затоа не треба да се плашиме, не треба да паѓаме во очајание и униние, туку да продолжиме со постот и молитвата. Да не престануваме ни со молитвите. Молитвата освен во храмот  да ја практикуваме и во нашиот дом. Да се молиме во дните на постот Семилостивиот Бог да ја осветли нашата темница, да го просветли нашиот ум за да и ние како светиот Григориј Палама заедничариме со Божјата незаодна светлина, која го согорува гревот. Во никој случај да не се предаваме на искушенијата. После дождот секогаш доаѓа сонце. И дали за тоа има поголем пример од примерот од денешното Свето евангелие. Од исцелението на парализираниот човек, кој долги години бил прикован на постела, но сепак неговата вера и желба за оздравување биле големи и силни и победиле на крај. Такви да бидат и нашите напори за духовно исцеление, за да и ние на крај како парализираниот ги слушнеме Христовите зборови: „Синко, ти се простуваат гревовите твои!“ (Мар. 2,5) и не само духовно, туку и телесно да оздравиме, победувајќи го вечниот причинител за нашите страданија – гревот.

          Поради Божјата неискажлива љубов никогаш да не забораваме дека после мракот на гревот секогаш изгрева светлина. Да се молиме, како и светиот Григориј, Бог да ја просветли нашата темнина за Неговата животворна благодат се всели во нас и за да се удостоиме да се осветлуваме од Таворската светлина и непрестајно Го славиме Бога. Амин!

Нека е за многу години! Благодатта на нашиот Господ Исус Христос, љубовта на Бога Отца и заедницата на Светиот Дух да биде со сите нас!

 

 

[1] Беседа изговорена во манастирската црква „Свети Атанасиј Велики“ во с. Лешок, општина Теарце - Тетовско, на 24. 03. 2019 (Свети Софрониј, патријарх Ерусалимски; Светиот маченик Пиониј и другите со него; Преподобен Георгиј Синаит;) – Втора недела од Великиот пост – посветена на свети Григориј Палама.