Религијата во образованието ‒ искуства и предизвици

 Стефан,

Архиепископ Охридски и Македонски[1]

 

Појдовната точка на етичките согледби на секоја вера, а особено на монотеистичките религии е увереноста дека Бог е сушта љубов и милост. Така во Заветот на Бога со Израилот, во книгата на пророкот Исаија, читаме дека Бог е сељубечки Господ Кој... милува[2] и Кој ни ветува дека планини ќе се поместат и ридови ќе се разнишаат, но Неговата милост нема да отстапи[3]. Во Новиот Завет, пак, евангелистот Јован возгласува дека Бог е љубов[4], a апостолот Павле ни вели: Бог е богат со милост поради Неговата голема љубов, со која нè возљуби[5]Во исламот, пак, дел од 99-те имиња за Бога се: благ, милостив и оној кој љуби.

Оттаму, јасно е дека верските учења на авраамовите религии во чијашто срж лежи верата во Бог Кој е Бог на љубовта, можат да дадат само добар плод и да ги учат верните на љубов и на сомилост кон секого и кон сè. Та токму религиите ги изградиле нашите цивилизации. Следствено, тие, кога бидуваат правилно поучувани и доследно живеени, се сили за добро, за напредок, за меѓусебна љубов, за почит и разбирање.

А ако верата по себе е добра и ако нè учи да бидеме подобри, поисполнети со љубов, со разбирање и со прошка, тогаш учењето за неа и за нејзините доблести природно припаѓа во образовниот систем!  

Впрочем, статистичките податоци од совремието недвосмислено укажуваат на позитивните последици на религиското образование. Онаму каде што нашите најмили ‒ децата, од рани нозе во училиштата учат за етичките вредности на религиите на своите предци, тоа придонесува за поголема почит и поголемо разбирање кон туѓите религиски верувања и практики, за развивање на повисоки етички вредности кај младината и за покохезивно општество, нешто што во држава како нашата Татковина ‒ Македонија, во којашто заедно живеат различни вери, деноминации и нации, е од исклучително значење.  

А во дведецениското искуство од предавањето на предметот етика во религиите во нашите основни училишта, уверен сум, се надминаа предубедувања и заблудите за каква и да е индоктринација или културна сегрегација на часовите. Генерациите и генерации на дечиња коишто минаа нив овој предмет не бидуваа индоктринирани, туку добиваа знаење за врвните етички вредности и за севкупните придобивки на својата вера, тие не се учеа да се сегрегираат од другите, туку учеа дека сите се чеда Божји. Затоа, на сите ним им стана јасно дека верата не може да биде фундаменталистичка во пејоративното значење на зборот, оти она што е единствено вистински фундаментално во неа е учењето за сеопштата, братска љубов и за соживот на секој со секого. Напросто кажано, секој ученик којшто учи за етиката во религиите учи за тоа дека Божјата љубов и милосрдие го прегрнуваат секој човек и дека ние, луѓето, имаме должност да Го подражаваме Бога во таа љубов, во таа прегратка.

За крај дозволете ми да им се заблагодарувам на организаторите на оваа тркалезна маса за целокупниот нивен ангажман за обзнанување на благодетите и полезноста коишто присуството на овој предмет во нашите училишта ги има по целокупното општество. На сите учесници, пак, им посакувам плодна средба и се надевам дека државните органи одговорни за формирањето на училишниот курикулум ќе го слушнат гласот на претставниците на црквите и верските заедници во Македонија, на членовите на Асоцијацијата на професори по Етика во религиите “Просветление” и на големиот број задоволни некогашни и сегашни ученици кои минале и минуваат низ предметните содржини на предметот етика во религиите, па дека во иднина овој предмет и слични предмети во кои би се изучувале етиката, историјата и уметноста на религиите не само што ќе бидат присутни во нашите училници, туку дека ќе бидат и поголеми на број и со поголем фонд на часови. Ви благодарам,

 

 

  

 

  

 

 

[1] Обраќање на Тркалезната маса „Религијата во образованието ‒ искуства и предизвици“, организирана од фондацијата „Конрад Аденауер“ во  хотел „Мериот“ во Скопје, на 16 февруари 2023

[2] Сп. Пс 54, 10.

[3] Сп. истото.

[4] 1 Јн 4, 7. 

[5] Ефес 2, 4.