Словенските просветители

г. Јосиф, митрополит Тетовско – гостиварски 24.05.2019 г. Маврови анови

Словенските просветители1

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

А она, што излегува од устата, иде од срцето

и тоа е она што го осквернува човекот..

(Матеј 15,18)

Драги браќа и сестри,

Во овој мајски ден, дојдовме во Маврови Анови, во ова светилиште со прекрасен поглед, да го прославиме споменот на Словенските просветители, учители и рамноапостоли, светите браќа од Солун – Кирил и Методиј. Да се прослави нивниот споменот – значи да се потсетиме на нивниот живот и на нивното богоугодно дело. Но, не треба само да се потсетиме на нивниот живот, туку и да ја подржуваме нивната вера за да на тој начин одбележувањето ја добие својата потполна смисла. Светиот апостол Павле во Посланието до Евреите, вели: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“ (Евр. 13,7) – токму тие зборови, сите ние денес ги слушнавме од апостолското четиво. И навистина треба да се сеќаваме почесто на нашите просветители, на оние, кои го описменија словенскиот род.

Сеќавањето на нив нè навраќа далеко во историјата, во 9 век, во Солун, каде во уледното и богато семејство на Лав и Марија се родиле светите браќа Кирил и Методиј. Постариот брат, Методиј, како офицер поминал десет години меѓу македонските Словени, во таканареченото „словенско кнежевство“. Потоа тој се оддалечил на гората Олимп и се предадал на монашки подвиг. Таму подоцна му се придружил и Кирил (Константин). Како богомудри и еднакви по дух со апостолите, како што слушаме од нивниот тропар, тие го продолжиле мисионерското дело на светиот апостол Павле, а за таа цел – увиделе дека за нивна понатамошна служба меѓу Словените им е потребно создавање на словенска азбука, па така ја создале и првата словенска азбука – глаголицата. Од Македонија преку мисијата кај Сарацените и Хазарите се нашле во Моравија и Панонија за да стигнат дури во Рим и да ја изобличат тријазичничката ерес на тријазичниците, кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот јазик се свети јазици на кои може да се извршува богослужението. Во Рим успеале од папата Адријан II да добијат дозвола за извршување на богослужението на разбирлив словенски јазик, кој и ние благодарение на нив го употребуваме секојдневно, па и денес на ова литургиско свештенодејствие.

Нивното епохално дело го продолжиле нивните ученици и ние како нивни наследници. Но денес, можеби како никогаш до сега треба да се запрашаме дали сме достојни ученици на светите браќа, дали достојно го следиме нивното дело и дали вистински и правилно ја живееме верата православна, која тие ја проповедаа низ Европскиот континент? – Ако бидеме искрени со себе си – треба да си признаеме и да се потрудиме да станеме подобри ученици, ученици кои ќе се потрудат подобро да си го знаат и почитуваат сопствениот јазик и азбука и својата православна вера. Јазикот и верата се дел од нашиот идентитет и тие нè прават препознатливи во светот. За да станеме подобри ученици треба да се потрудиме, да направиме подвиг во верата, бидејќи и таа се учи. Грешките и заблудите во верата доаѓаат од незнаењето, па затоа ние како одговорни родители, учители и духовници треба да се потрудиме нашите млади поколенија да ги воспитаме во духот на нашата вера. Секако за таа цел би помогнал и образовниот систем доколку се издигне правото на избор за изучување на предметот веронаука. Сега за тоа имаме можност. Скоро повеќето книги се достапни на македонски јазик, имаме разбирлив јазик и во богослужбата – единствено потребно е да се дојде во храмот на литургија и да се чуе словото на Учителот над сите учители – Христос нашиот Спасител, Кој како што слушнавме од евангелието и нам, како и на светите апостоли ни дава прекрасни совети.

Во денешното евангелие, Христос насласува дека „од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули“ (Матеј 15,19) и дека „она, што излегува од устата, иде од срцето и тоа е што го осквернува човекот“ (Матеј 15,18). Затоа драги верници – да си го сочуваме срцето чисто и да напредуваме во љубовта. Кога имаме љубов во себе тогаш имаме љубов и за другите и го прифаќаме и другото, различното од нас, а кога немаме љубов во срцето – тогаш ние сме исполнети со злоба и нашите дела не се богоугодни и се лоши пред Бога.

Да се потрудиме, читајќи го Светите Писма, преведени од патроните на овој храм, светите Кирил и Методиј, нашето срце да стане амбар, кој во себе ќе прими што повеќе добродетели за да и ние како нашите рамноапостоли бидеме пример во верата, која треба сите да нè обедини, та заедно да Го прославиме Бога: Отецот, Синот и Светиот Дух и сега и секогаш и во сите векови!

Нека е за многу годи храмовиот празник на ова светилиште и уште долги години да го сведочи богоозареното дело на рамноапостолите Кирил и Методиј!


 


 


 

1 Беседа изговорена во храмот „Свети Кирил и Методиј“ – Маврови Анови - Општина Маврово-Ростуше, на 24. 05. 2019 (Свети Методиј и Кирил Рамноапостолни; Светиот свештеномаченик Мокиј;).