Вистинската слобода

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски 02.08.2018 г. Илинден Лешок

Вистинската слобода1

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

...и ќе ја познаете вистината, и вистината ќе ве ослободи.“

(Јован 8,32)

Ваше Високопреосвештенство;

Почитуван Директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи г. Даријан Сотировски;

Ценети отци,

Драги браќа и сестри,

Ете Севишниот Бог благоволи овогодинешниот спомен на светиот пророк Илија да го прославиме – тука во оваа света Лешочка обител, во која свој белег оставиле многу времиња и многу генерации. И ние денес како секоја генерација се трудиме да ги следиме нашите предци и да оставиме нешто за сведоштво на идните генерации. Нашите предци ни оставија големи сведоштва. Со своите животи преку двата Илиндени ни ја даруваа слободата – најголемиот дар на човекот од Бога. Токму поради тоа Илинден за нас македонците е синоним за слобода и непокор и како таков е длабоко врежан во меморијата на нашиот народ. И, благодарение на таа несмртна меморија – ние по цели 115 години од славното Илинденско востание и 74 години од АСНОМ достојно преку молитва на Бога за покој на нивните души се сеќаваме на нашите предци, кои покрај сè направиле добар избор, да се изборат за својата, но и за нашата слобода.

Почитувани,

Светиот пророк Илија кај нашиот народ особено се почитува и слави како Божји угодник. Во денешното свето Евангелие, како и во апостолското чтение слушнавме за старозаветниот пророк Илија, боговидецот и чудотворецот. Тој бил голем ревнител за Божјата вера низ целиот свој живот. Потекнувал од племето Ароново, од градот Тесвит. Целата своја младост ја поминал во богомислие и во молитва, а често се повлекувал во пустински места, каде во тишина размислувал и се молел. Најголем судир пророкот Илија имал со израилскиот цар Ахав и со неговата изопачена жена Језавела, кои биле идолопоклоници и го одвраќале народот од служењето на единствениот и жив Бог. Со големи чуда Илија ја покажал силата и власта Божја: го затворил небото, па немало дожд три години и шест месеци; спуштил оган од небото и Му запалил жртва на својот Бог, а жреците на Ваал тоа не можеле да го направат; благодарение на неговите молитви паднал дожд од небото; чудесно ги умножил брашното и маслото во куќата на вдовицата во Сарепта и го воскреснал нејзиниот починат син; му прорекол на Ахав дека кучињата крвта ќе му ја лижат и на Језавела дека кучињата ќе ја изедат, исто така направил и многу други чуда. На Хорив разговарал со Бога и во тивкиот свеж ветрец го чул гласот Божји. Пред да се вознесе го зел Елисеј и го одреди за наследник во пророчката служба; со својата наметка го пресекол Јордан; и најпосле бил земен на небото во огнени кочии со огнени коњи. На Тавор заедно со Мојсеј Му се јавил на Господ Исус Христос, а пред крајот на светот Илија повторно ќе се јави за да ја сотре силата на Антихристот.

Драги браќа и сестри,

Од житието на светиот пророк Илија, како и од списите на Светото писмо дознаваме дека слободата и ослободувањето се постојано поврзани со одговорноста кон Божјите заповеди. Човекот единствено во Бога станува слободен. Слобода без Бога нема! Бог е Он што му дарувал слобода на човекот, а човекот е тој што таа слобода најчесто ја злоупотребува и преку гревовите ја губи. Во моментот кога ќе ја изгубиме слободата ние стануваме робови на гревот. И дури во тој момент стануваме свесни што сме изгубиле, но не треба да паѓаме во униние, туку треба да го започнеме процесот на исцеление, на ослободување. Ослободувањето и слободата се меѓусебно и взаемно поврзани. Вистински сме слободни кога сме ослободени го гревот! Старозаветниот Закон, како и античката философија биле немоќни да го ослободат човекот и да му ја вратат вистинската слобода. Таа слобода на човештвото, како што сведочи Евангелието (Јован 8,36), можел да му ја врати само Господ Исус Христос. Единствено во Неговиот дом, Црквата Божја ние не ја губиме слободата, туку ја здобиваме. Добиваме една слобода за која светот малку размислува. Тоа не се ситни, лажни слободи, тоа не се нејасни права и должности. Во Црквата ја добиваме слободата што е најскапа и најдрагоцена, слободата што не може никој и на никаков начин да ни ја даде, слободата што не можеме да ја освоиме со овоземниот начин на војување, добиваме слобода од гревовите и слобода од смртта. Знаеме дека ваквата слобода светот често не ја разбира. Во Црквата можеме да влеземе единствено ако ја сакаме таа слобода. Не можеме да станеме искрени христијани ако самите не сме го избрале тоа слободно.

Возљубени,

Знаејќи за таа вистинска слобода, не случајно, нашиот мудар народ го подигнал востанието за слобода, а потоа и го свикал собранието точно на верскиот празник Илинден. Но постои и една чудна промисла. Една чудна аналогија, која нас македонците нè поврзува со свети Илија. Тоа е храброста, вистинољубивоста и вербата кон Бога. Тие особини на личноста на пророкот Илија биле пример за нашите предци, но треба да се пример и за сите нас. Слободоумноста на светиот Илија произлегувала од неговата голема вера, од неговото сведочење за вечната Вистина, за Христос, нашиот Спасител. Тој ја спознал Вистината и Таа го ослободила. По неговиот пример и ние денес со покајание да го спознаваме Христа Бога, бидејќи единствено ако Тој нè ослободи – ние навистина ќе бидеме слободни и ќе можеме да го прославуваме Него заедно со Неговиот Беспочетен Отец и Неговиот Животворен Дух, сега и секогаш и во вечни векови!

Бог по молитвите на светиот пророк и закрилник наш Илија да ни даде дух и сила да се одржиме во овие времиња, а нашиот народ да постане вистински верен на Бога.

Нека е вечен споменот на сите борци за слобода на нашиот народ!

Амин!

Голема благодарност до мојот собрат, Митрополитот Европски г. Пимен и неговото свештенство, кое со своето присуство го направија овој Илинден торжествен!

1 Беседа изговорена во манастирскиот храм „Свети Атанасиј Велики“ с. Лешок, општина Теарце - Тетовско, на 02. 08. 2018 (Светиот пророк Илија; Свети Пречистански преподобномаченици; Свети Илија, патријарх Ерусалимски и Свети Флавијан, патријарх Антиохиски; Свештеномаченик Николај Хашех).