Возљубени во Господа,

Возљубени во Господа,

 

          Тешки и траорни мигови го обвија овој град и неговата околина овие денови. Моменти придружени со неопислива тага, со непоместлива жал, со неутешливи солзи... И не верувам дека има човек кого не го погоди ова трагично случување и дека нема срце кое не затрепери и за упокоените, и за повредените и за нивните семејства. Сите нѐ погоди трагедија, подеднакво сите...   

          Денес, на овој празничен ден за Црквата и за православните христијани, ние сме исправени пред потребата и мигот да се опростиме со своите ближни, кои неочекувано се разделија со нас...

Денес е празникот Сретение, и си спомнуваме на средбата на Бог со човекот, на Спасителот на Светот, Господ Исус Христос, со старецот Симеон, како претставник на човечкиот род. Но денес, и од денес па понатаму во овој град, во оваа околина и во нашата Татковина, ќе си спомнуваме и за средбата на човекот со Бога, ќе се сеќаваме на оние, нашите чеда, роднини, пријатели, браќа и сестри и сограѓани, коишто отидоа на сретение, на средба со Бога.

Вистината говори дека Бог е Тој што животот го дава и дека Тој промислува кога, како и каде ќе се одделиме од земниот живот за да продолжиме со вечниот. Зашто како што говори Господ во старозаветната книга Проповедник: И ќе се врати правот во земјата, како што бил. А духот ќе се врати кај Бога, Кој Го дал (Проп. 12, 7).

Колку и како и да говорам, зборови на утеха не можам да најдам во мене... Колку и да зборувам и за минатото и за иднината, да ги поставувам и објаснувам прашањата со кои сега секој ум е обременет - зошто сега, што се случи, нема да најдам ниту да понудам мис и спокој. Но наоѓам и пронаоѓам во Божјите зборови, во нашата вера, која е вера во воскресението: живееме ли, умираме ли, секогаш сме Господови (Лк. 14, 8) и Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него се сите живи (Лк. 20, 38).   

Сочувствувајќи најпрво со вас, родителите, роднините и пријателите кои изгубивте некој свој во оваа несреќа, ви упатувам зборови на утеха и ветување - дека молитвите, советите и сочувството на Црквата ќе биде секогаш со вас. Дека во вашата тага и во вашите потреби, нѐ имате како верни придружници. Земајќи ја вашата тага како своја тага, знам дека солзите и страдањето нема да престанат. Но татковски ви ја нудам утехата на верата и прифаќањето на Божјата промисла.

Сочувствувајќи и со повредените, им посакуваме побрзо и полесно закрепнување.

Браќа и сестри, сограѓани,

Нѐ сплоти, за жал, немил настан. Да бидеме и да останеме со срцата, со мислите и со сите свои можности со нашите сограѓани кои на разни начини пострадаа во оваа несреќа. Да не ги забораваме и заборавиме...

Вечен им спомен на упокоените. Царство небесно!