Победоносецот

г. Јосиф, митрополит Тетовско-гостиварски

Победоносецот

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„ Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази.

(Јован 15,19)

Драги браќа и сестри,

Во ова неделно мајско утро, во Неделата на Самарјанката, кога Светата Православна Црква си спомнува за храбриот и свет воин Георгиј Победоносецот, дојдовме овде во подножјето, во разеленетите падини на планината Жеден, во овој негов прекрасен возообновен храм, кој по милоста Божја пред скоро една година го осветивме за радост на жителите на Туденце и целиот народ во Полошката котлина. И ете нè денес, токму на Ѓурѓовден, повторно тука во Долни Полог, дојдовме со сите Вас заедно да ја продолжиме далечната традиција на нашите претци и од ова свето место да ги упатиме своите просителни молби преку нашиот заштитник свети Георгиј до Севишниот Бог.

Возљубени,

Свети Георгиј Победоносец потекнувал од семејство на богати и побожни родители. Се родил во Кападокија. Набрзо по неговото раѓање, неговиот татко пострадал за Христа, а мајка му се преселила во Палестина. Кога пораснал, младиот Георгиј отишол во војска и во својата дваесетта година го стекнал чинот трибун и како таков служел при царот Диоклецијан. Кога овој цар започнал страшно гонење на христијаните, Георгиј истапил пред него и одважно исповедал дека е христијанин. Царот го фрли во затвор, па наредил нозете да му ги стават во клади, а на градите да му положат тежок камен. Потоа наредил и го врзале на тркало под кое имало штици со големи клинци и така го вртеле додека врз целото тело не му се направило една голема рана. По ова го закопале во ров, така што надвор од земјата му била само главата и го оставиле во ровот три дена и три ноќи. Потоа со помош на некој магионичар му дале да испие смртоносен отров. Но при сите овие маки Георгиј непрестајно Го молел Бога и Бог веднаш го исцелувал и на големо одушевување на народот, го спасувал Својот маченик од смртта. Кога свети Георгиј воскреснал и еден мртовец, тогаш многумина ја примиле верата во Христа. Меѓу тие што ја примиле биле и царевата жена Александра и главниот жрец Атанасиј, земјоделецот Гликериј, и Балериј, Донат и Терин. Најпосле царот ги осудил свети Георгиј и својата жена Александра на смрт со меч. Блажената Александра издивнала на губилиштето пред да ја убијат, а свети Георгиј го убиле во 303 година. Безбројни се чудата што се јавуваат на неговиот гроб. Многубројни се и неговите јавувања во сон и на јаве на многумина коишто го спомнуваат и ја бараат неговата помош до денешен ден. Сиот разгорен од љубов кон Господ Христос, Свети Георгиј без тешкотии оставил сѐ заради својата љубов: чин, богатство, царски почести, пријатели и сиот свет. За оваа љубов Господ го награди со венец на невенлива слава на небото и на земјата и со живот вечен во Своето Царство. И го дарува со сила и власт да им помага на оние што го слават и призиваат неговото име во бедите и неволјите.

Почитувани,

Денешните апостолски четива нè навраќаат назад низ вековите, но истовремено лесно и нè потсетуваат на Господовите евангелски пророчки зборови: „ ...ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат“ (Јован 15,20), кои воопшто не се туѓи за денешното време. И во овој современ свет, Православната Црква е распната, таа страда, христијаните се гонети, киднапирани, затворани и убивани. Зарем секојдневно преку дневниот печат и медиумите – не читаме и слушаме за страданијата на илјадници наши православни браќа од Блискиот Исток? Злото, нажалост и денес владее во овој свет и ги зема храбрите, но искрени маченички жртви, кои по примерот на светиот маченик и архиѓакон Стефан, на светиот Јаков, братот Јованов и по примерот на денешниот славеник, Победоносецот наш светиот великомаченик Георгиј – остануваат верни на Христа, Својот Женик, Кој ги оковечува со венец на слава сите оние, победоносно постраделе заради истрајноста во верата.

 

Мили чеда,

По примерот на светиот Георгиј во чиј храм денес се наоѓаме, да се трудиме како него да се спротивставиме на злото, да не се плашиме од злото, од искушенијата и страданијата од најразличен вид предизвикани во овој свет. Патријархот Павле во една прилика поучувајќи ги своите духовни чеда за злото го кажал следното: „ Да не забораваме никогаш и постојано да имаме на ум дека злото секогаш е со краток век и само наизглед успешно и блескаво. Затоа на злото, на лукавството, на лагите – не треба да заосноваме ништо, поготово не нашиот живот“ . Јас само би додал: На злото да одговориме со љубов, бидејќи љубовта е еднинствената сила, која го победува злото. Љубовта и вистината се тие кои ни ја даваат храброста, а еден наш современ поет, во една од своите песни, говорејќи за маченичката храброст потполно точно ќе ја даде дефиницијата за христијанската храброст: „ Храброст е тоа; До последен миг; Да сте верни; На ветувањето...Па така и ние поучени од денешниот голем празник Ѓурѓовден – да се трудиме да бидеме полни со љубов и истрајни во верата за да ја имаме во себе храброста со која ќе се покажеме како победоносци на злото и верни на Христа, нашиот Бог, Кој и ние денес како жената Самарјанка го молиме да не напои со Неговата вода за да никогаш не ожеднеме и вечно да Му оддаваме слава, поклонувајќи Му се во дух и вистина, сега и секогаш и во сите векови. Амин.

Ја користам оваа прилика да искажам благодарност до Црковниот одбор и до целиот народ за грижата и посветеноста за овој манастир, кој со својта убавина го краси овој крај.

За многу години нека е манастирската храмова слава!