„Покров на Пресвета Богородица“
На ден 14. 10. 2018 година, во 20 недела по Педесетница, кога Светата Црква го празнува празникот Покров на Пресвета Богородица и си спомнува за свети апостол Ананија, преподобен Роман Слаткопевец и преподобен Јован Кукузел, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф благоволи да земе молитвено учество на Светата Божествена Литургија во манастирската црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Лешочкиот манастир.
По Литургијата, Митрополитот г. Јосиф зеде учество и во планинарско-рекреативната акција по новопоставената „Милениумска патека“ на падините на Сува Гора, по повод јубилејот „1000 години Охридска архиепископија“. Настанот беше организиран од страна на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) во соработка со Планинарскиот клуб „Јелак“ и Тетовско-гостиварската православна епархија. Планинарско-рекреативната тура тргна од храмот „Пресвета Троица“ во арарот на с. Блаце, а заврши во храмот „Свети Мина“ во с. Волковија. Освен овие две цркви, Милениумската патека поминува и покрај следните православни светилишта:
- Црква „Св. Петка“, атар на с.Стенче - сместена на рид (880 м.н.в.) помеѓу селата Блаце и Стенче;
- Археолошки локалитет - месност „Граиште“, с.Стенче. Неолитска населба со наоди кои датираат од IX век п.н.е. Во рамките на локалитетот, постои и ранохристијанска базилика која датира од IV век од н.е;
- Црква „Св. Илија“, с.Стенче - значајна по иконите кои ги имаат цртано Дичо Зограф и неговиот син Аврам;
- Црква „Св. Екатерина“, Стенчевска чука – видиковец кон Полог и Шар Планина;
- Црква „Св.Атанасиј“, с. Волковија;
- Црква „Св. Георги Победоносец“, Волковска чука – сместена во некогашниот Волковски манастир кој датира од XIV век;
Во пријатно расположение учениците на маршот стигнаа до целта - храмот „Свети Мина“ во с. Волковија, каде беше послужен ручек за присутните, а пред нив со свое слово се обрати и Митрополитот г. Јосиф. Словото можете во целост да го прочитате тука...